Вториот ден од самитот на НАТО продолжува со заканите и критиките на Трамп

Тонот со кој американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги започна разговорите со сојузниците не се промени ни на вториот ден од самитот на НАТО во Брисел. Тој повторно ги нападна своите сојузници поради издвојувањето за одбрана и европската трговска пракса, објави „Ројтерс“.

Трамп за време на седницата зад затворени врати на вториот ден од самитот го покачил тонот, а особено ги издвоил Германија, Шпанија и Белгија, изјавиле извори за „Ројтерс“.

Поради тоа, лидерите на НАТО побарале од земјите што не се членки на алијансата, Украина и Грузија, да го напуштат состанокот. Во еден момент, Трамп, кршејќи го дипломатскиот протокол, ѝ се обратил по име на германската канцеларка Ангела Меркел. „Ангела, мораш нешто да направиш во врска со тоа прашање“, пренел неименуван извор.

Трамп ја повторил својата позиција дека членките на НАТО мора да ја исполнат обврската и да издвојат 2 отсто, односно 4 отсто од својот БДП на одбрана.

По состанокот, претседателката на Летонија, Далија Грибаускајте, рекла дека Трамп во ниту еден момент не се заканил дека САД ќе го напуштат НАТО.

Се очекува американскиот претседател да се сретне со лидерите на Азербејџан, Романија, Украина и на Грузија, а потоа да отпатува за Британија.