Лидерска средба до крајот на неделава

Запрени се преговорите меѓу политичките партии за Законот за финансирање на партиите, изборот на ДИК и за техничка влада. Овие прашања најверојатно ќе се решаваат на лидерско ниво бидејќи работните групи не можат да најдат заедничко решение. Извори од работните групи брифираат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ барала значително повеќе пари од буџетот за финансирање на партиите од сумата околу која речиси се согласиле и другите на преговарачката маса. Исто така, опозицијата не е задоволна само со оставка од премиерот сто дена пред избори, туку бара и техничка влада по теркот на пржинската, со министри во МВР и труд и социјала од нивните редови, што за СДСМ е неприфатливо.

Премиерот Заев остава простор до крајот на неделата работните групи да се договорат, а ако тоа не се случи, не ја отфрла можноста за лидерска средба.

– Очекувам до крајот на оваа недела работните групи да ги решат работите заради тоа што даваме импакт и ние како лидери. Ако не се случи решение преку работните групи, јас би свикал лидерска средба или кој било од лидерите од парламентарните партии би можел да свика. Ред е до крајот на оваа недела да ги заокружиме овие процеси. Граѓаните очекуваат одговори и од името на граѓаните верувам дека ќе ги дадеме сите овие одговори до крајот на неделава, изјави Заев.

Заев очекува до крајот на неделава да се заокружи и процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името, а според него, заслужува внимание и барањето на опозицијата за предвремени избори , ако тоа би гарантирало успешен референдум.

Во тренд…