Депресија, секс, дроги – контроверзниот живот на Џорџ Мајкл

Џорџ Мајкл беше легенда. Иако последните десетина години ги полнеше таблоидите со своите здравствени проблеми и проблемите со дрогата, беше и остана неоспорна музичка големина.

 


Како што тоа е случајот и со многуте други музички ѕвезди чија кариера се провлекувала низ декадите, така и Мајкл лесно беше да се прифати здраво за готово. Уште повеќе што неговите последни вистински големи хитови беа оние на почетокот на 2000 година, а поп сцената е посебно неблагодарно место за средовечните идоли на 80-сеттите и 90-сеттите години на минатиот век.

Но, легендите остануваат легенди, а Џорџ Мајкл е несомнено во тоа друштво.

И додека за неговиот музички опус најдобро зборуваат песните, неговото присуство во таблоидите пречесто се сведуваше на инцидентот во јавното WC, како и проблемите со дрогата.

Мајкл, како и сите други, имал многу тешки моменти кои без сомнение оставиле длабока трага врз него.

Тој со години се бореше со депресијата откако во период од три години го загуби љубовникот Ансел Фелепа и мајка му Лесли Анголд. Фелепа почина од компликации со сидата.

„Се борев со тешка депресија по смртта на мајка ми. Да ја загубиш мајката и љубовникот во период од три години е тешко“, рече Мајкл за The Independent.

Во интервју за The Guardian, во 2005 ќе рече:

„Беа тоа 12 години депресија, страв и купишта други срања. По смртта на мајка ми бев многу блиску да се откажам од животот. Го имав тоа силно чувство дека најдобрите денови се зад мене. Ви се колнам, се чувствував како да сум проклет. Не можев да верувам колку работи одеднаш Господ решил да натовари врз мене. Беше премногу смрт околу мене“.

Уште од тинејџерските денови Мајкл водеше тешка борба со својата сексуалност. Иако на пријателите им рече дека е бисексуалец, долго време се лажел себе и се преправал дека може да има односи со жените, а по распадот на Wham знаел дека е геј, а не бисексуалец и тоа го депримирало бидејќи не можел отворено да признае, туку долго ја криел својата тајна што потајно го уништувало.

Да биде работата уште полоша, од плакарот излезе на најлош можен начин, со скандали и медиумски написи.

Имено, во 1998 година е уапсен заради „недолично однесување“, откако полицаец во цивил го намамил во јавно WC и го уапсил. Беше принуден да признае дека е хомосексуалец.

„Од некоја чудна причина мојот геј живот не стана полесен со признанието. Се случи токму спротивното. Медиумите уживаа во тоа што претходно имав хетеро публика и има намера тоа да го уништат. Некои мажи ги фрустрираше што нивните девојки сѐ уште веруваат дека Џорџ Мајкл само не ја пронашол вистинската девојка за себе. Патем речено, тоа е она што многу членови од моето пошироко семејство сѐ уште го мислат“, рече Мајкл за ББЦ во 2014 година.

Уште како млад се впуштал во сексуални односи со странци, а на Пирс Морган му признал дека само за седум години променил повеќе од 500 сексуални партнери.

Криењето на сексуалната ориентација остави трага врз него бидејќи се обидувал да ја заштити мајка си.

„Бев премногу незрел да сфатам колку жртвувам. Морате да разберете колку го сакав своето семејство и дека сидата е нераскинлива од хомосексуалците во 80-сеттите и 90-сеттите. Барем што се однесува до родителите. Мојата мајка тогаш сѐ уште беше жива и за неа тоа би бил кошмар да мора секој ден да мисли на што сум изложен“, рече Мајкл.

Во октомври 2006 година Мајкл беше уапсен заради поседување на марихуана(иако имаше проблеми и со крекот). Порано та година исто беше уапсен под сомнение дека е издрогиран откако полицијата го затекнала како спие во својот автомобил. Два месеца по тој инцидент, со својот Range Rover оштетил три возила на своите соседи. Во јули 2010 година враќајќи се од геј прајд, е уапсен откако со автомобилот се забил во излог на продавница, а подоцна е обвинет и заради поседување на марихуана и возење во алкохолизирана состојба.

Откако ја призна вината, Мајкл беше осуден на осум недели затвор, доби казна и забрана за управување на моторно возила на период од пет години.

„Сфатив дека проблемот е во мене. Тоа ме потресе и сфатив дека живеам во заблуда. По несреќата отидов на лекување и двенеделна детоксикација, што никој не знаеше. Сето тоа е зад мене. Навистина“, рече во едно интервју.

Во октомври 2011 година Џорџ Мајкл морал да ја прекине европската турнеја откако се разболел. Примен е во виенската болница со воспаление на белите дробови и завршил на интензивна нега. Откако беше пуштен од болница, дал изјава и открил дека лекарите морале да извршат трахеотомија.

„Тоа скоро ме уби. На потсвесно ниво беше застрашувачко и веројатно никогаш повеќе нема да се чувствувам сигурно. Но, чувствував и вина заради семејството и пријателите бидејќи со недели не знаеја дали ќе се извлечам или не. Да им се случеше тоа на моите сестри, тоа би ме уништило“, рече Мајкл.

Во 2013 година се здоби со тешки повреди на главата откако испадна од воз во движење. Итно бил превезен во болница каде што минал две недели, а подоцна бил снимен со голема лузна на главата.

Како и многу пати претходно, често знаел да се повлекува во самотија. Тој и неговиот партнер Фади Фаваж се видени во септември минатата година, по што ретко е забележуван во јавноста.

На Божик 2016 година почина од срцев удар.

„Со голема тага потврдуваме дека нашиот голем син, брат и пријател Џорџ почина во својот дом за време на Божик. Семејството ве моли да ја почитувате нивната приватност во овие тешки моменти“, се вели во официјалното соопштение.

Loading...

JW Player
JT Fixed Display