Џенет Џексон го роди своето првенче на 50 години

Познатата американска пејачка Џенет Џексон, помладата сестра на починатата поп икона Мајкл Џексон, го роди своето првенче на 50 годишна возраст, објави во вторникот магазинот People повикувајќи се на нејзината портпаролка.



„Џенет Џексон и нејзиниот сопруг Висам ал-Мана со одушевување го поздравија доаѓањето на свет на синот Иса ал-Мана. Џенет се породи без проблеми и закрепнува во удобни услови“, се вели во писмената изјава до списанието.

Помладата сестра на Мајкл Џексон, кој почина во 2009 година, уште во април минатата година објави дека ја откажува светската турнеја за да се посвети на планирањето семејство и по совет на лекарите. Во октомври таа потврди дека е бремена и дека ќе роди момченце, а People ексклузивно објави нејзина фотографија облечена во бело со специфичното „стомаче“.

Џенет далеку од медиумите во 2012 година се омажи со катарскиот милијардер Висам ал-Мана, ова е нивно прво дете.

Џенет Џексон првпат на сцената се искачи на 7-годишна возраст, а во 1976 година глумеше во тогаш гледаниот серијал „Џексонови“ (The Jacksons). На 16 година потпиша договор со издавачката куќа A&M, за која го издаде својот прв албум, Сепак, популарноста ја стекна со третиот албум под наслов „Control“ кој го издаде во 1986 година.

Според податоците на магазинот Billboard, Џенет Џексон се вбројува на листата на најдобро продаваните изведувачи во историјата на современата поп-музика, со 140 милиони продадени примероци на носачи на звук.

Таа се проби во светот на музиката и шоу бизнисот и покрај тоа што критичарите сметаа дека нејзините вокални способности се најскромни во споредба со другите членови на славното музичко семејство Џексон. Врвот на кариерата го доживеа во 90-те години од минатиот век.

Loading...