ВИДЕО Интервју со Зоран Заев: Уште наесен ќе ја подготвам СДСМ за избори!

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Г-динот Зоран Заев во интервју за Скај.мк зборува за тоа како ги поминува првите денови на чело на најголемата опозициска партија, СДСМ.

Заев вели, дека после една недела е одлично организиран. Тој додава дека има три канцеларии, една во Струмица, втора и најважна во Скопје и во својот приватен автомобил. Открива дека поставил интернет во својот автомобил.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев околу подготовката за тимот вели дека деновие ќе ги дооформува предлозите, а веќе во петок ќе има и централен одбор.

Потврдува дека Радмила Шеќеринска ќе биде заменик претседател на СДСМ, чија функција ќе биде дефинирана на нов конгрес на кој ќе се промени статутот на опозициската СДСМ.

Генерален секретар на СДСМ ќе биде Оливер Спасовски, вели Заев.

Како ексклузива за Скај, Заев вели дека следниот потпретседател ќе дојде од Битола или Прилеп. Додека во извршниот одбор ќе влезат членови од сите региони на Македонија. Силно ќе биде застапено и Скопје вели Заев.

На прашањето дали Заев планира промени во организациите низ земјава, тој рече дека најверојатно ќе има изборни конференции во сите општински организации.

Заев има стратегија која значи многу работа.

-        Ако предлагаме мерки за економијата, како да се отворат нови работни места, како до нови инвестиции, како да се отворат нови производствени погони. Тоа мора да биде со крајна цел зголемување на плата, отворање на нови работни места со достоинствена плата, да имаме рамномерна распределба до пристапот на националното богатство и доход. Генерално ќе генерираме политики кои што ќе значат нешто што сега го гледаме да биде од главнички-наопачки. Што значи тоа? Да се откажеме од големите буџети. Тоа е начинот на кој ќе го враќаме изгубениот среден слој, вели Заев.

Состојбата со медиумскиот мрак во Македонија ќе ја победува со предизвикување на внимание и максимално искористување на просторот, знаејќи однапред дека има медиуми кои се провладини и ќе предизвикуваат штета врз опозицијата.

 За соработката на опозиционата СДСМ со меѓународната заедница Заев вели:

-        Секогаш соработката со меѓународната заедница била на одлично ниво. Јас сакам да искрен и да кажам дека сум среќен бидејќи го свртуваме вниманието на традиционални подржувачи на нашата мала земја, кои се обидуваат да ни помогнат пред се во нашите европски и евроатлански аспирации. Во тој дух апсолутно сум среќен ако со првите чекори оваа седмица допринесувам да им покажам на сите, па и на меѓународната заедница за проевропскиот дух, за левичарскиот дух на социјалдемократскиот сојуз, вели Заев.

За средбата со премиерот Заев вели дека двајцата лидери направиле исчекор за формирањето на комисијата од 24 декември, која понатаму ќе донесе заклучоци. Заев додава дека решението е важно и за добивањето на почеток за преговори на самитот во јуни. Тој најавува дека деновиве е можен договор помеѓу двете најголеми партии.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев не очекува Груевски да го реши спорот со името.

-        Груевски никогаш не превзел вистински патриотски чекори за Македонија, секогаш сите политики, мерки и решенија кои се донесени прво максимално се консултураат со граѓаните, откако ќе видат дека тоа има одлична појдовна основа за повисок рејтинг на Груевски и ВМРО ДПМНЕ се носат. Многу често имале огромни штети за иднината на Македонија, а носеле рејтинг на ВМРО тој ги спроведувал. Во минатото, со ништо не покажал дека прави чекори кон добра иднина на Македонија, а да бидат на штета на неговиот рејтинг, така да не верувам дека Груевски ќе го реши, вели Заев.

На прашањето дали СДСМ ќе биде подготвена доколку Груевски ги изненади со избори, Заев вели дека СДСМ ќе биде подготвена на есен.

- До есента јас СДСМ ќе ја подготвам за избори. Јас наследив силна партија вели Зоран Заев во интервјуто за Скај.

-        Она што сакам да го знаат моите социјалдемократи, а и целата јавност до есента мојата партија ќе биде целосно подготвена  за избори. Ако власта одлучи тоа да го прави во есента ние ќе сме подготвени, ако одлучат изборите да бидат со претседателските в година ние уште повеќе ќе сме подготвени како партија. Впрочем и тие ќе одлучат кога ќе бидат предвремените избори, тоа не зависи од нас. Наша задача е да подготвиме Социјалдемократски сојуз, како лидер на опозицијата да добива наредни избори без разлика какви ќе бидат тие, вели Заев.

Целото интервју во видеото:

Јован Соколовски

спонзориран линк:

(adverts)