Интервју со Фросина Ременски: Чест и одговорност е да се биде Социјалдемократ

Интервју на Скај со Професорката Фросина Ременски, нов потпретседател на СДСМ. Ременски зборува за чекорите на Социјалдемократскиот сојуз, ја опишува актуелната политичка состојба во земјава, разговараме за состојбите со медиумите...

 

Скај: Како ја примивте одлуката да бидете нов потпретседател на најголемата опозициска партија?

Фросина Ременски: Поканата од претседателот на СДСМ Зоран Заев, да бидам дел од неговите најблиски соработници за мене е огромна чест и одговорност. СДСМ како државотворна партија со своите политики е вградена во историјата на РМ, во клучните периоди за иднината и интересите на државата. Оттука, да се биде дел од СДСМ значи да се биде свесен за предизвиците за партијата и предизвиците за државата. Прифаќањето на функцијата потпретседател за мене значи одговорност и посветеност на државните интереси вградени во визијата на СДСМ за економски, политички и безбедносно стабилна РМ.



Скај: Кои ќе бидат вашите цели, во текот на вашиот мандат?

Фросина Ременски: Времето пред нас максимално ќе го искористиме за зацврстување на партиската структура и динамизирање на партиските активности во функција на промовирање на програмските определби на СДСМ. Нашата цел е да влијаеме на промената на политичкиот дискурс кој години наназад стана матрица по која сите политички партии функционираат т.е., се занимаваат со политиките на владеачката партија. Сметаме дека граѓаните во РМ се уморни од пропаганда, манипулација и алиби политики. Насушна е потребата од повисок степен на политичка култура, инклузивни, реални и економски издржани политики. Периодот пред нас, ќе го искористиме токму за тоа – да се консолидираме одвнатре, да ги увериме нашите членови и симпатизери дека завршува времето на СДСМ во опозиција; да ги отвориме вратите за сите граѓани што сакаат/можат со своето знаење да се вклучат во партиските активности; да ја добиеме довербата на партиски неопределените, но пред се` да понудиме решенија за проблемите на граѓаните и државата кои се мултиплицираа од политиките на власта.

На идеолошки план ќе ги популаризираме социјалдемократските вредности – солидарноста, слободата, праведноста, сигурноста. Ќе се бориме за подигање на свеста кај граѓаните за вредноста на слободата и сигурноста (правна, социјална, економска). Верувам дека во нашиот мандат СДСМ и РМ нема да бидат опозиција на домашната и меѓународната сцена.


Скај: Се запознавте ли со вашите колеги потпретседатели и какви се вашите импресии од тоа?

Фросина Ременски: Со потпретседателите се познаваме од претходно. Со дел од нив имав прилика и поблиску да соработувам во изминатиот период. Можам да кажам дека станува збор за стручњаци професионалци во нивниот домен, за искрени и посветени луѓе, за родители кои знаат каква Македонија сакаат за своите деца. Периодот што претстои ќе биде прилика уште подобро да се запознаеме и да соработуваме.

 

Скај: Како потпретседател на СДСМ, кој е вашиот став за падот на Македонија во индексот на Фредом Хаус за слободата на медиумите?

Фросина Ременски: Во Македонија демократијата и слобода секојдневно се уназадуваат. Ова не е констатација само на опозицијата. Ова се факти за кои сите релевантни меѓународни институции веќе на големо предупредуваат. Не постои извештај или анализа каде Македонија не е претставена како пример за земја која бележи регрес во сите сфери – во економијата, во владеењето на правото, во капацитетите на институциите, во остварувањето на човековите слободи и права. Со еден збор Македонија во континуитет назадува со забрзано темпо. 
Рангирањето на Македонија на 120 место како делумно слободна земја треба да ги загрижи сите граѓани. Фактот што земјите од нашето опкружување ни „бегаат“ со разлика од 30 до 50 места на ранг-скалата зборува за сериозноста на извештајот.

 

Скај: Што мислите за состојбите со правото на изразување, слободата на говор и слободата во медиумите во Македонија?

Фросина Ременски: Извештајот на Фридом Хаус, најновиот извештај на организацијата Репортери без граници и сериозните забелешки од Брисел само го потврдуваат она што граѓаните во Македонија го живеат и чувствуваат секојдневно. Шокантниот пад на Македонија на скалата на слободата на медиумите и тоа од цели 26 места за само една година сведочи за доминација на политичка пропаганда и манипулација во медиумите финансирани од владите кампањи, цензурирање на критичката мисла и политичките неистомисленици и настојувањата да се Владата да ја нормира медиумската сфера и новинарството кои по правило спаѓаат во саморегулирачката сфера. Слободара на изразување и говор е предуслов за напредок и творештво. Слободни и независни медиуми се предуслов за демократизацијата на Македонија. Нивната одговорност е поголема од одговорноста наполитичарите и сметам дека со нив треба да почне враќањето на слободата и демократијата.

 

Скај: Се ближи самитот на ЕУ, очекувате ли дека премиерот ќе го реши спорот со името?

Фросина Ременски:За жал Македонија секоја година во извештајните периоди добива негативни оценки по прашањето на стратешките цели и вистинските реформи. Владата се задоволува со оценките за минимален напредок во несуштински сфери кои не можат да влијаат на генералната оценка за напредокот на Македонија. На состанокот на министри на земјите членки на ЕУ што се одржа оваа недела, а претходи на Самитот на ЕУ, Македонија не беше спомната ниту во заклучоците, а воопшто не стана збор за добивање на датум за преговори. Сериозноста на овој пристап дипломатски кругови го толкуваат како опасност по кандидатскиот статус на Македонија и сметаат дека нашата дипломатија наместо да троши зборови надекларативни заложби за спремноста за решавање на спорот со Грација (што не се очекува да се случи до Самитот), треба да се насочи кон обезбедување на место во заклучоците од Самитот.

Впрочем, ова е очекуваниот резултат од владините политики, особено по случувањата од 24 декември минатата година кога власта покажа политички мотивирано полициско насилство врз легитимно избрани пратеници во Собранието на РМ. Игнорирањето на проблемите од настаните во период на агресивна владина изборна кампања ја дефокусира владината политика од вистинските државни приоритет. Напротив, политичкиот дијалог бревташе под монополизацијата на државните политики кои наместо да се дискутираат и усогласуваат останаа заробени во владиниот кабинет.

 

Скај: Се шпекулира со предвремени избори, ќе ве изненадат ли доколку се случат во септември?

Фросина Ременски: Минатите искуства покажаа дека кога се во прашање изборите и желбата за обезбедување на политички позиции на владеачката партија, дури и по цена на парите на граѓаните, се` е можно. Бројни индикатори укажуваат на можната подготовка на владеачката партија за предвремени избори: 1. популистичките мерки за вработувања (кои требало да се реализираат до крајот на 2013!?); 2. алиби политиките за сериозното назадување на патот кон ЕУ и НАТО (со додавање и на САД во редот на виновниците); 3. се` позачестените дискусии и обиди за креирање на јавното мислење за барање на алтернативи за ЕУ и НАТО (како обид владеачката партија да се претстави како единствен заштитник на националните интереси); и, 4. промовирањето на нови политички партии кои (според стратегијата на владеачката партија), би требало да и` донесат бенефит на владеачката партија.

Кратко, ние би биле изненадени доколку шпекулациите не се остварат. СДСМ е посветен на опарационализација на својата визија за Македонија, спремен за сите предизвици што претстојат и уверен дека ќе го добие мандатот и довербата од граѓаните да ја врати демократијата, просперитетот и иднината на РМ.

 Јован Соколовски

спонзориран линк:
Loading...