„Очекувам критичен извештај од ЕК“

Интервју за Скај – Лидија Димова, Извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.

 

  1. Како ја оценувате Македонија во поглед на европските интеграции, напредува ли?

 Ако ги погледнете последните неколку извештаи за напредокот на Република Македонија коишто ги изготвува Европската комисија секој октомври/ноември, ќе видите неколку работи. Прво, проблемот со името не е единствениот проблем кој стои на патот на македонските евроинтеграции. Подлабока анализа ќе ви покаже дека Македонија има сериозен проблем со реформите воопшто. Второ, едни те исти работи се повторуваат од година во година. За некои од нив нема никакво логично објаснување зошто е тоа така (на пример, 6 години по ред ни се кажува дека „се уште не е ратификувана Европската повелба за регионални или малцински јазици“). Трето, забелешките од клучните поглавја на реформите покажуваат дека имаме проблем со непочитување на независноста на институциите и на регулаторните тела, со принципот на поделба на власта и со принципите на пазарна економија, односно со Копенхагенските критериуми. На пример, иако Државниот завод за ревизија постојано укажува на неправилности во трошењето на буџетските средства, Собранието сè уште нема механизам за разгледување на неговите извештаи. Или пак случајот со Агенцијата за електронски комуникаци која според извештајот „недозволено креира вишок пари создавајќи бариери за влез на пазарот кои ги троши надвор од надлежностите, по налог на Владата, со што си го поткопува авторитетот“. Ова се ужасни констатации кои, за жал, не ја вознемируваат македонската влада, а ниту, пак, македонските граѓани.

Единствен логичен заклучок од сево ова е дека Македонија не само што не напредува во европските интеграции, туку таа драматично назадува. За жал, колку повеќе назадуваме, толку повеќе пропагандната машинерија на Груевски ќе и продава магла на јавноста – од типот на странски инвестиции.

 

2. Деновиве беше потпишан извештајот кој го состави комисијата за расчистување на настаните од 24 декември? И после се што се случи во Собранието, кога беа тепани опозициските пратеници и исфрлени, заедно со новинарите, дали тоа може да биде избришано со извештај?

 Не сум убедена дека извештајот на ад хок комисијата ќе ги исполни очекувањата на власта и на ЕУ. Тој секако дека ќе биде споменат како постигнување, но верувам дека ќе има и придружни коментари околу процесот на неговото донесување.

Но, ако сме реални, од гледна точка на европската интеграција на Македонија, извештајот е се освен успех. Дозволете да ве потсетам на фамозните репери (бенчмаркови) од времето на Боцевски кога Македонија го доби најнегативниот извештај во својата европска историја. Кај вториот репер Македонија требаше да демонстрира „Конструктивен и сеопфатен дијалог, особено во оние области во кои се бара консензус меѓу сите политички партии, во рамките на демократските институции“. Меѓу другите мерки предвидени во тогашната „Скица“ на Владата, беше и донесувањето на Законот за Собрание, со кој, меѓу другото требаше да дојде до „нормирање на одговорноста на обезбедувањето на Собранието и воспоставување на посебна служба“. Денес сме 2013 година и никаде го нема собраниското обезбедување, а инцидентите во Собранието се множат. Мислам дека вистинското прашање не е за ЕУ, туку за македонските граѓани – до кога ќе и веруваме на власт за која лажењето е национален спорт!

 

3. Дали очекувате да се напомене во следниот извештај она што се случуваше на 24 декември, но и по овој ден, како на пример отпорот, напуштањето на парламентот од опозицијата, катастрофалните локални избори?

24 декември ќе биде централната тема во извештајот годинава, бидејќи оттука почнува да се замрсува приказната со исполнувањето на политичкиот критериум. За жал, она што ќе биде нотирано нема да биде новост за Македонија. Претпоставувам дека повторно ќе се нагласи отсуството на политичкиот дијалог во рамките на демократските институции, бојкотот на Собранието и активностите поврзани со Отпорот на опозицијата, како и проблемите со локалните избори кои годинава наликуваа на холивудски филм во кој главната улога ја играа албанските иселеници и македонските авантуристи од Пустец. Сево ова – со јазикот на Европската комисија – значи проблеми со политичкиот критериум.

 

4. Во кулоарите се зборува дека власта не сака преговори со ЕУ, бидејќи според образложението тогаш кога ќе почнат преговорите за прилагодување на законите во земјава власта ќе мора да ги поправи оние законски решенија кои ја одзедоа демократијата?

 Во последниве седум години има безброј докази за тоа дека власта не сака преговори со ЕУ. Јас ќе споменам само еден – технолошките индустриски развојни зони. Сите знаеме дека инвеститорите во зоните добиваат многу привилегии со што странските инвеститори се ставаат над домашните. Но, не се само даночните ослободувања и олеснувања проблематични. Владата користи државни пари за да им ја изгради инфраструктурата, па дури и ги субвенционира платите на вработените. Сето ова е прекршување на една од најважните политики на ЕУ – политиката на конкуренција.

Овој проблем е вистински јамка околу вратот на граѓаните. Ако утре Македонија добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, може многу лесно да ни се случи некоја држава-членка да побара Македонија да ги отстрани сите прекршувања на овој план. Во тој случај Владата ќе мора да побара од сите странски инвеститори да ги вратат во централниот буџет сите средства кои таа ги инвестирала во инфраструктурата и во субвенционирањето на платите, плус даночните ослободувања и олеснувања. Веднаш кога тоа ќе го побара Владата, ќе добие тужби од инвеститорите. Очигледно, Владата не стави среде жива песок... Впрочем, Македонија помина низ едно вакво слично искуство со ОКТА. Со други зборови, владата на Груевски ни донесе уште неколку ОКТИ во државата кои на економско-социјален план не оддалечија многу од ЕУ. Јас навистина не знам како ќе се разреши овој проблем кога ќе дојде време да се преговара.

Илустрација за она што го зборувам е случајот од крајот на 1996 година на мобилниот оператор Airtel Movil против тогашниот државен оператор Telefonica. Имено, Airtel Movil морал да плати 510 милиони евра за да влезе на шпанскиот пазар додека Telefonica обезбедувала услуги без да мора да плаќа и така добила компаративна предност и ја зајакнала својата доминантна положба. Комисијата на ова барање одговорила така што инсистирала шпанската влада да му го врати износот од 510 милиони евра на Airtel Movil или да понуди други корективни мерки.

 

5. Дали почнувањето на преговори, ќе значи и поголема транспарентност на македонската власт кон Европската унија, ќе треба да даваат отчет каде се трошат буџетските пари, какви се регулативите за време на избори и тн?

Преговорите со ЕУ значат поголема транспарентност и отчетност, но и поголема ангажираност од страна на граѓаните. На пример, ако бевме во процес на преговори, 24 декември немаше да се случи од две причини. Прво, зашто власта ќе знаеше дека последниците по неа ќе беа огромни – прекин на преговорите – и ниту една пропагандистичка телевизија немаше да може да го спинува настанот. И второ, уште поважно, е тоа што една демократска држава не смее да си дозволи да „наметне“ буџет туку буџетскиот процес трае подолго време при што се консултираат многу чинители во општеството, не само опозицијата. Доказ за тоа се државите-членки на ЕУ. Со новиот механизам – тн. Европски семестар – националните буџети на државите-членки се донесуваат во консултација со Европската комисија за однапред утврдени приоритети (Европа 2020). Инцидентот во Собранието покажа дека Македонија не е зрела да најде компромис меѓу две страни (власт и опозиција), а камоли меѓу 29 страни - 28 држави-членки плус Европската комисија.

 

6. Како го оценувате новиот закон за медиуми, дали е во европски дух или пак како што тврдат новинарите е акт со кој ќе се цензурира медиумот?

Организацијата со која раководам јас - Македонскиот центар за европско образование – е дел од коалцијата „Фронт за слобода на изразување“ која побара од Собранието на да ги повлече од процедура предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, бидејќи тие ја загрозуваат слободата на говор во Македонија, особено со неоправданото опфаќање на печатените и интернет-медиумите со нови регулативи. Голем дел од прашањата опфатени во законите се веќе третирани во други закони, се игнорираат факторите што ја овозможуваат корупцијата на медиумите со јавни пари и се мешаат во сферата на саморегулацијата на новинарската професија. Предлог-законите само ќе ја зацврстат контролата на власта врз најголемиот дел од медиумите. Надлежностите што и се даваат на новата Агенција за аудио и аудиовизуелни медиуми, и врз печатените и онлајн медиумите, ја открива намерата да се воспостави контрола и врз овие медиумски сектори. Факт е дека со овие закони самоцензурата ќе биде единствената гаранција за опстанокот на медиумскиот пазар во Македонија. Убедена сум дека Европската комисија ќе биде доста критична во однос на овие закони во следниот извештај за напредокот на Македонија.

 

7. Дали Законот за клевета и навреда е во рамките на она што се случува во ЕУ?

Оваа сфера не е регулирана во ЕУ, односно нема заедничка медиумска политика. Сепак, тоа не значи дека секоја држава си прави што сака. Основните права на граѓаните подразбираат тие да бидат информирани за сите значајни настани од нивниот општествен живот, а тоа пак бара слободни медиуми и слобода на изразување. Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур има богата судска практика од оваа сфера. Македонија, како членка на Советот на Европа, има обврска да ја консултира судската практика за да донесува праведни одлуки. За жал, судиите во Македонија не ја користат судската практика од ЕСЧП, па така имаме апсурдни слуачи кога болката на нашите видни политичари е поголема отколку 3-годишната плата на еден новинар.

 

8. Каква е искористеноста на европските фондови во земјава?

На 11 јули 2013 година, во Собранието на Република Македонија, Комисијата за европски прашања организираше надзорна расправа на тема „Искористеноста на ИПА фондовите во Македонија“. Еден од говорниците беше и Министерот за финансии, Зоран Ставрески. Неговото излагање беше доста спорно, полно со полувистини и недоречености во функција на манипулирање на фактите. Според Ставревски „Македонија имала процент на искористеност на средствата од ИПА фондовите како и новите земји членки на ЕУ. Процентот на искористеност до крајот на годината би требало да изнесува 48%, а тоа било блиску до процентот на искористенот од околу 50 проценти кој го постигнале и новите земји-членки на ЕУ“.

Манипулацијата овде е на повеќе нивоа. Нејасно е од каде се влече овој податок, но дури и да е така, мора да се води сметка дека не е исто кога зборуваме за државите во процес на пристапување (како Македонија) и државите-членки, зашто купчето на пари не е исто. На пример, Македонија од претпристапните фондови на ИПА има вкупно 622 милиони евра неповратни средства за периодот 2007-2013, додека една држава слична по големина и развој како Македонија би имала околку 6 МИЛЈАРДИ евра од структурните и кохезионите фондови на ЕУ. Да искористиш 48% од €622 милиона не е исто како и да искористиш 48% од €6 милјарди!

Натаму, Ставревски тврди дека Македонија има искористено 190 милиони евра од ИПА средствата. И овде се изнесува полувистина. Имено, се манипулира со два сосема различни концепта – „склучени договори“ наспроти реализирани проекти или искористени средства. Бројката на склучени договори е 190 милиони евра, а искористени се двојно помалку.

Вреди да се спомене дека при сета манипулација со бројките, министерот Ставрески не спомена колку средства Македонија има веќе изгубено поради доцнење и незапазување на ИПА-процедурите.

И ланскиот извештај зборува за тоа дека Македонија не умее да ги искористи европските пари и дека постои опасност да се изгуби дел од средствата. Европската комисија не предупреди дека оперативните структури не функционираат како што треба, па дури и дека назадуваат по пренесувањето на управувањето со парите на националните структури поради што постои опасност Македонија да ја изгуби акредитацијата за самата да управува со европската помош. Освен тоа, Македонија минимално ги користи и другите фондови како што се: 1) Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF); 2) Програмата за конкурентност и иновации (ЦИП); 3) Седмата рамковна програма (ФП7) итн. Од друга страна, Македонија драматично ја зголеми својата задолженост како дома така и на меѓународниот финансиски пазар со кредити кои немаат врска со европската реформска агенда, туку служат за спроведување на проекти за декорација на главниот град.

 

9. Каков извештај од Европската комисија очекувате на 16 октомври и што очекувате да биде нотирано тогаш?

Очекувам критичен извештај со многу стари проблеми. Очекувам премиерот Груевски повторно да излезе и да каже дека „ова е најпозитивниот извештај досега“, а потпретседателот на Влада задолжен за евроинтеграции да даде пореална оценка за состојбите со евроинтеграциите на Република Македонија. Очекувам владината пропаганда целосно да ги замолчи критичарите и, конечно, очекувам просечниот граѓанин повторно да биде збунет. Ние секоја година по објавувањето на извештајот правиме компаративна анализа на последните 4 извештаи. И годинава ќе го сториме тоа со надеж дека ќе им олесниме на граѓаните да добијат поверодостојна слика за европските процеси на Македонија.

web counter
web counter
Loading...