Милошев: На Штип му е неопходен нов добро осмислен генерален урбанистички план

Интервју со претседателот на Општинската организација на СДСМ Штип, Владимир Милошев за sdsm.org.mk

Кои се Вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ Штип?
 
Милошев: Живееме во  време на разочарување, на изгубен ентузијазам, на летаргија. Долгиот период на нижење порази се одрази на мотивираноста и самодовербата на членовите на СДСМ. Еден од првите приоритети ќе ми биде токму враќањето на овие два многу битни фактори за  понатамошно успешно  работење на Општинската организација. Прв предуслов за тоа е да бидеме пообединети од било кога досега. Да се обединиме сите околу една единствена цел - уривање  на актуелната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и преземање на  власта заради враќањето на државата на вистинскиот пат - патот на евроатланските интеграции кој неминовно ќе доведе до повисок животен стандард и поголема социоекономска сигурност на сите граѓани.

Вратите на партијата, како и во претходниот мој мандат, ќе бидат  отворени  за секој што смета  дека може да даде било каков придонес во рамките на своето образование и во рамките на своето делување (политичко, општествено или економско).  Сите се добредојдени, без разлика од кога се зачленети во партијата. Нема и не смее да има поделби на стари и нови членови, на искусни и понеискусни, на образовани и помалку образовани.

Приоритет ќе ми биде имплементирањето  на новиот концепт, усогласен со политичката платформа на новото централно раководство. Тој победнички концепт ќе се реализира  со личности со кредибилитет, кои имаат потенцијал да го реализираат тој концепт.

Тоа ќе биде СДСМ, со силна верба во себе и гарантирана доверба кај граѓаните. Ќе се борам до крај да го истераме овој процес чесно и без „зла крв“. Тоа ѝ го должиме на партијата, а уште повеќе на граѓаните.

Во приоритетите ќе ми биде и креирањето на амбиент со кој ќе привлечеме поголем број на млади луѓе. Во Општинската организација на СДСМ Штип има нагорен тренд во поглед на зачленување на нови членови кои се зачленуваат доброволно, за разлика од  оние кои се зачленуваат во владејачката партија чие пристапување во партијата е резултат на правење на т.н. списоци за потенцијални вработувања со што на младите луѓе им даваат лажна  надеж и ги држат во неизвесност од избори до избори. Тие списоци понатаму се злоупотребуваат за денот на гласањето.  Во Општинската организација на СДСМ сега  пристапуваат луѓе со искрени, со чесни намери, кои што сакаат промени и подобар живот на граѓаните.
 
Кои ќе бидат Вашите први активности по изборот за претседател на Општинската организација на СДСМ Штип?
 
Милошев: Во наредните денови ќе се пристапи кон организационо-концепциски промени со кои бргу ќе се преструктурираме и реорганизираме, за решително да зачекориме кон остварување на нашата цел - победа на следните избори.

Мојот концепт на дејствување е перманентна работа, затоа што подготовките за следните избори започнуваат од денот кога завршија претходните. Убеден сум дека токму ова е клучот на успехот на следните изборни соочувања.

Идните активности на Општинската организација стратешки ќе ги позиционирам на два колосека:

Прво, неуморно и секојдневно, преку различни форми (прес конференции, средби со граѓаните во урбаните месни заедници, дистрибуција на флаери, одржување на трибини со поканети експерти на актуелни теми), на граѓаните мора да им се посочува со каков начин на владеење се соочуваме во државата;

Второ, СДСМ мора интензивно да работи и да се подготвува за победа на следните избори. Ова се однесува на внатрепартиското зајакнување на структурите и работните тела.
 
Следува посета на сите месни одбори и претставување на тимот пред широкото членство, а воедно ќе ги промовираме и нашите програмски активности.  Во континуитет ќе бидеме на терен, преку средби со граѓаните и со одредени целни групи.
   
Кој проблем според Вас е најгорлив проблем во вашата општина и како би го решиле?
 
Милошев: Штип е динамчен град со над 18.000 студенти и средношколци, со дневни миграции на 5 до 6.000 ученици, со Клиничка болница  кон која секојдневно гравитираат пациенти од целиот источен регион, со голем број вработени  во текстилните компании од околните населени места  и соседните  општини. Сето ова придонесува градот да се гуши во сообраќајниот хаос.

Од друга страна, нерегулираните речни корита на двете реки Брегалница и Отиња, вакви како што се неплански уредени, без јасна визија за нивно планско уредување, го одземаат и последниот здив на градот.

Решение за ова е итно донесување на добро осмислен генерален урбанистички план. Веќе подолго време владејачката ДПМНЕ го најавува новиот генерален урбанистички план, но сèуште до јавноста не е претставена ниту нацрт верзијата.

Потоа би следувала изработка на јасни детални урбанистички планови, во кои ќе бидат решени сите  инфраструктурни потреби, вклучувајќи ги сообраќајната и комуналната инфраструктура.

Единствено решение за сообраќајниот хаос е изработка на реална сообраќајна студија во која ќе бидат нотирани сите неопходни проекти, почнувајќи од реконструкција на улици, крстосници, изградба на јавни паркинзи и друго кои би требало да започнат да се реализираат во најкраток  можен рок.

Што се однесува до уредувањето на речните корита слободно можам да кажам дека ова што денес се случува во Штип е невидена деградација на самите реки и речни појаси. Она што вистински треба да се направи е регулација на речните корита (заштита од порои, поплави и ерозии) и современо уредување на крајбрежните појаси и кејови врз основа на стручно изработени проекти, а не непрофесионално експериментирање.

Мислам дека градот Штип денес слободно може да се пријави во Гинисовата книга на рекорди каде во речното корито на река Отиња се садат цвеќиња и истите се наводнуваат од градскиот водовод. Современото парково уредување значи воведување на вегетација која може да се одржува со помали количини на вода. Какви паркови површини се подигаат денес во Штип ако истите се наводнуваат од градскиот водоснабдителен систем, која е нивната економска и еколошка оправданост ?!

Во Штип проблемите треба да се решаваат и да се мерат со квалитет а не со квантитет.

Свесен за тешкотиите, свесен за макотрпноста на патот за остварување на зацртаните цели, спремен сум за исправување пред сите предизвици за да ја донесам победата на Општинската организација на СДСМ во Штип.

web counter
web counter

 

Loading...

JT Fixed Display