Димитров: Преку нови стопански капацитети ќе обезбедиме нови работни места во Виница

Интервју со претседателот на Општинската организација на СДСМ Виница, Ивица Димитров за sdsm.org.mk

Кои се вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ Виница?

Димитров: Главните приоритети во раководењето ќе бидат насочени кон зајакнување на Општинската организација на СДСМ Виница, со тоа што ќе вклучиме доста млад потенцијал во новите органи и тела на партијата. Особено ќе се осврнеме кон зголемувањето на можностите секој член и симпатизер да се вклучи и активно да учествува во работата на нашата Општинска организација со цел побрзо и поефективно да ги придобиеме неопределените гласачи во Општината.

Кои ќе бидат вашите први активности по изборот за Претседател на Општинската организација на СДСМ Виница?

Димитров: Првите активности по изборот за Претседател на Општинската организација ќе бидат средби со членовите, симпатизерите и досегашните кадри на СДСМ Виница со цел да направиме оптимално добар избор на кадри при составувањето на Извршниот одбор, новите месни одбори, комисии и други органи и тела во партијата.

Кој проблем според вас е најгорлив проблем во вашата општина и како би го решиле?

Димитров: Најголем проблем во Општина Виница е потребата од атмосферска канализација на целата територија на Општината, како и реконструкција на водоводната мрежа во градот и изградба на канализациона мрежа во населените места во околината. Дел од нив се соочуваат со недостаток на чиста вода за пиење поради негрижата на надлежните во Општина Виница.

На Виница ѝ се потребни нови стопански капацитети за да можеме да обезбедиме работни места за голем број на наши сограѓани, со што ќе го спречиме масовното иселување од општината и вадење на бугарски пасоши.

спонзориран линк:
Loading...