Стојчевска: Ќе ги реконструираме патиштата кои водат до Делчево

Интервју на претседателката на Општинската организација на СДСМ Делчево, Мира Стојчевска за sdsm.org.mk

Кои се вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ Делчево?

Стојчевска: Изборот за претседателка на Општинската организација на СДСМ во Делчево е голема чест за мене, но и обврска во целост да се посветам во работењето на општинската.

Имам сила и волја да ги обединам сите наши членови и подржувачи повторно, заеднички да градиме една цврста и победничка општинска организација. Кадровскиот потенцијал на опшинската огранизација е голем, има квалитетни луѓе, кои се спремни и способни заеднички да ги направиме потребните промени. Со добар тим и со нов начин на дејствување, Општинската организација на СДСМ Делчево може да стане победничка.

Предложените кандидати за членови на Извршен одбор се квалитени луѓе со позитивен дух и позитивна енергија. Кадровски промени мора да има, а при изборот мора да се почитува статутарната одредба за вклучувањето на минимум 30% млади и 40% жени во Извршниот одбор, како и да се внимава на територјалната застапеност на членовите на Извршниот одбор во однос на Месните организации во кои делуваат.

Општинската организација е отворена за секој кој сака да работи за СДСМ. Јас како претседател подавам рака на секој кој сака да се врати назад во партијата бидејќи сега е моментот на обединување и заедничко дејствување.

Кои се приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ Делчево?

Стојчевска: Максимално залагање за консолидирање на партијата како неопходен и основен успех на партијата на локално ниво:

    • Формирање на органите на партијата согласно статутарните одредби;

    • Одржување на коференција за избор на Извршен и Надзорен одбор;

    • Состанок со работните тела во рамките на Општинската организација на СДСМ;

    • Состанок со советничката група на која ќе се договори начинот на кој ќе се врши кординацијата со претседателот на Општинската организација пред секоја седница на советот.

Исто така ќе посветам внимание на следните приоритети:

    • Почитување на демократските стандарди и статутарни одредби при донесувањето на одлуки;

    • Единство и висок степен на сплотеност и соработка помеѓу носителите на функции во Општинската организација на СДСМ Делчево, но и помеѓу нив и членовите на паријата како и помеѓу самите членови;

    • подобрување на организацијата на месните одбори во руралните средини каде СДСМ континуирано на изборите е со негативен резултат;

    • Формирање и активно работење на партискиот совет во кои ќе членуваат поранешни носители на високи партиски функции;

    • Редовна работа на правниот комитет во функција на Општинската организација, но и во функција на членовите и симпатизерите на партијата преку давање правна помош;

    • Соработка со целни групи (земјоделци, пензионери, стечајци, невработени, НВО, борци инвалиди, планинари, спортски и еколошки друштва и др.)

    • Реевиденција на членството;

    • Избор на претседатели и секретаријат на месни одбори;

    • Привлекување на нови членови во партијата и нивно запознавање со темелните вредности и начела на партијата.

Претходно наведените приоритети верувам дека ќе не доведат до основната цел на претседателските и евентуално предвремените или редовни парламентарни избори по неколкуте изборни порази конечно да се оствари долгоочекуваната и посакувана победа.

Кој проблем според Вас е најгорлив проблем во Вашата општина и како би го решиле?

Стојчевска: Општина Делчево се наоѓа на 10 километри од границата со соседна Бугарија. Најголем проблем за Делчево претставува патниот правец Кочани-Делчево кој е во многу лоша состојба - катастрофална, кој придонесува за економско-социјалната состојба на општината. Оваа власт од 8- годишното владеење нема инвестирано ниту 1 денар за подобрување на состојбата со патиштата и опшествените капацитети во Општина Делчево кои се во интерес на граѓаните на Делчево

Еден од најголемите приоритети кои се поврзани со здравјето на жителите на Делчево е промената на водоводната мрежа, односно замената на азбестните цевки со нови ПВЦ цевки и изградбата на нова Филтер станица, која е од големо значење за граѓаните на Општина Делчево, бидејќи користиме неквалитетна и неисправна вода за пиење.

Како еден од горливите проблем за младите брачни парови е неприфаќање на нивните дечиња во Детската градинка поради недоволниот капацитет на институцијата да ги прими сите дечиња. Во таа насока неопходна е доизградба на нови простории со што би се решил проблемот кој е стар повеќе од 6 години.

Насочување на општината во афирмирање на меѓународни рамки како и воспоставување соработка со други сродни општини од земјите од соседството и општини од земјите членки на ЕУ. Тоа ќе придонесе за презентирање на Општина Делчево во светот, промоција на нашите позитивни вредности на меѓународен план и пренесување на позитивни светски искуства и трендови во земјата.

Неопходно е отворањето на директни линкови со канцеларијата на ЕУ, преку кои ќе се овозможи навремено информирање за квалитетни проекти поврзани со користење на средствата од ИПА-фондовите за прекугранична соработка, со што ке имаме активно вклучување на граѓаните и бизнисмените во селекцијата и приоритетите на проектите.

Делчево беше град со долгогодишна спортска традиција, град кој се гордеел со спортски успеси на своите сограѓани. Нема да дозволиме политиката да го има главниот збор и во спортот и нема да ги делиме спортистите по боите на нивните идеолошки определби, туку ќе го поддржиме нивниот спортски дух и љубовта кон спортот. Во изминатиот период бевме сведоци на згаснување на постоењето на фудбалскиот клуб „Брегалница“ кој со децении беше симбол на градот Делчево. Од буџетот на општината Делчево ќе се издвојува 1% за поддршка на спортските клубови со посебен осврт на финансирање на младите преку обезбедување на стипендии на минимум 4 спортисти кои постигнале резултати на републичко, европско и светско првенство.

спонзориран линк:
Loading...