Веловски: Со отворање на нови работни места ќе го спречиме иселувањето на младите од Ресен

Интервју со претседателот на Општинската организација на СДСМ Ресен, Томче Веловски за sdsm.org.mk

Кои се Вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ Ресен?

Веловски: Честа и одговорноста која ја добив од претседателот на партијата и моите сопартијци да ја водам Општинската организација на СДСМ Ресен во наредниот период, претставува голем предизвик.

Јас верувам и лично сум убеден дека само Општинска организација која е обединета, сплотена, екипирана, со верба во членството, а со тоа и во граѓаните, може успешно да се спротивстави на режимот на оваа власт.

Заради тоа јас ќе ја подадам мојата рака на сите членови и симпатизери, поддржувачи кои искрено сакаат да помогнат во успешната реализација на секојдневните активности на Општинската организација. Посебно внимание ќе обрнам на обединувањето како неминовност, а особено ќе се залагам за вклучување на што повеќе и повеќе луѓе во активностите на партијата.

Општинската организација на СДСМ Ресен ќе ја „отвори вратата” за сите без исклучок.

Кои ќе бидат вашите први активности по изборот за претседател на Општинската организација на СДСМ Ресен?

Веловски: Првите активности на општинската организација главно се од организациски карактер, затоа веднаш ќе пристапам кон избор на Извршен и Надзорен одбор на Општинската организација, како и одржување на конститутивни седници на Извршниот и Надзорниот одбор, избор на претседатели на Месните одбори, комисии и сл.

Одржување на состаноци со членството со цел да ги промовирам новите гледишта, начин на дејствување, активности кои во претстојниот период ќе ги реализира Општинската организација, меѓутоа и да го сослушам членството од кое сигурен сум дека ќе произлезат одлични идеи, сугестии и забелешки кои понатаму заеднички ќе ги имплементираме во работењето на партијата.

Особено внимание ќе посветам на Локалниот клуб на СДММ и Форумот на жени при Општинската организација со цел активно вклучување во сите активности на Општинската организација.

Дополнително сите наши членови и симпатизери кои дале свој придонес во досегашното работење на Општинската организација ќе ги повикам да ја разгледаме идејата за формирање на т.н. Клуб на ветерани со цел да вклучиме поголем број на активни членови во работата на партијата и да го искористиме нивното искуство во интерес на поуспешно и поефективно реализирање на секојдневните активности на партијата.

Ова е само еден дел од мојот концепт за работата на Општинската организација, а секако ќе бидат реализирани и ред други активности кои убеден сум дека ќе донесат позитивни резултати за краток период.

Кој проблем според Вас е најгорлив проблем во вашата општина и како би го решиле?

Веловски: Општина Ресен, односно Преспа располага со добра основа за еден солиден локален економски развој. Тука пред се' мислам на националните паркови „Пелистер“ и „Галичица”, Преспанското езеро, јаболко производството по што е позната Преспа како основа за развој на преработувачката индустрија и сл.

Меѓутоа за жал на граѓаните на Преспа најгорливиот проблем во нашата Општина не е еден, туку ги има повеќе, а за оваа прилика ќе ги издвојам:

    • Запрениот локален економски развој, бесперспективноста, пред се' на младите и нивното мигрирање во поголемите градови во Македонија, како и иселувањето на младите образовани граѓани кои заминуваат во странство;

    • Проблемите со откупот и складирањето на јаболкото кој во моментов е еден од најголемите проблеми што ги мачи нашите сограѓани;

    • Квалитетот на животот на граѓаните во Преспа не е мрднат ни малку во последниве 5 години, во смисла на поквалитетни услови за живот инфраструктурни, комунални, административни и сл.

Тоа се само дел од проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани. Решенијата на тие проблеми не се лесни и едноставни, меѓутоа со вистински ангажмани, промоција на ресурсите со кои располага нашата општина, можат да се намалат.

Неопходно е користење на ИПА–фондовите за меѓугранична соработка со Албанија и Грција, инфраструктурно поврзување на туристичките населени места на крајбрежјето на Преспанското езеро, како еден сегмент од потребите за развој на туризмот.

Понатаму, повеќе од потребна е промоција на Преспа во вистинска смисла на зборот со цел привлекување на инвеститори во областа на откупот, складирањето и преработката на јаболката. Со самото тоа и отворање на нови работни места што директно ќе придонесе кон спречување на иселувањето на младите од Општина Ресен.

спонзориран линк:

(adverts)