НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ СО ФРОСИНА РЕМЕНСКИ - Ќе ја вратиме Македонија на здрав колосек

Ексклузивно новогододишно Скај интервју со потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски која зборува за актуелните политички настани, она што ја одбележа 2013, открива детали за факултетската опрема за прислушкување...

 

СКАЈ:   Помина уште една година, како ја оценувате состојбата во Македонија во 2013?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: 2013 година е уште една во низата години од мандатот на оваа власт кој ја навести кулминацијата на негативните ефекти и последиците од политиките кои се спроведуваа изминатите години.За жал, скоро и да нема човек кој денес ќе се пофали со повисок стандард, со подобри услови во здравството и образованието, со доверба во институциите и верба во правдата. Со еден збор Македонија поодамна е во состојба на колективна депресија. Многумина ќе замерат на ваквото претставување на состојбите, критикувајќи дека опозициската диопртија не ги гледа „успесите“ на оваа власт и напредокот во сите полиња на општественото живеење, но за жал (нивна), граѓаните секој поминат ден стануваат се` посвесни за ефектите од долгите години популизам и квазипатриотизам.

2013 година ја завршуваме со: ниска стапка на економски раст; со опасна задолженост и државен долг кој надминува 7 милијарди евра; со близу половина милион ненаплатени глоби од физички и правни лица; со растечки тренд на згаснување на фирми, заради финансиска неодржливост; со нереализирани странски инвестиции, наспроти луксузни роуд шоуа и економски промотори без резултати; со неисплатени субвенции за земјоделците; со реформи во „бесплатното“ здравство кое ги разболе и лекарите и пациентите кои го чекаат „нивниот термин“; со „бесплатно“ образование како услов за виза за студентска печалба и загарантирано место во списоците на агенцијата за невработени; со 447 илјади иселени граѓани од Македонија; со непреброено население и скапо платен нереализиран попис; со политички затвореници и политички мотивирани истраги, апсења, обвиненија и пресуди; со замолчена и неодговорна академска заедница кој молчи пред лажни авторитети и политички притисоци; со заспани студенти кои иднината ја гледаат надвор и забораваат на нивиот живот сега и тука; со нереален процент на невработени; со енергетска „безбедност“ за сметка на 160 милионски приватен профит од увезена струја секоја година; со „капитални инвестиции“ во бронзени споменици, светлечки фасади и позлатен декор; со квази-елитизам и кич; со милионски криминални набавки, договори, анекси, провизии и проекти; со фантом функционери и новокомпонирана олигархија; со заспано судство и клекнато обвинителство; со институции без интегритет; со медиумски теснец за слободна, критичка и прогресивна мисла; со заплашени и затворени новинари ...

Кулминацијата на горенаведената системска регресија која станува опасна за опстанокото на државата и граѓаните е препознаена од граѓаните. Свесноста за последиците станува посилна од сите скапо платени кампањи за ширење на вредности во кои самата власт не верува.  

 

СКАЈ: Социјалдемократскиот сојуз е со ново раководство веќе седум месеци, какви се резултатите од активностите кои се превземаат овој период?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: Социјалдемократскиот сојуз од јуни до денес направи крупен исчекор во креирањето на стратегии и политики чиишто ефекти се позитивни. Измените и дополнувањата на Статутот на партијата отворија можности за ефикасно спроведување на политиките и програмските определби на партијата. Во изминатиот период паралелно работевме на  неколку полиња. Ја подготвивме политичката програма на СДСМ во кои ги вградивме темелните проекти за континуирана и долгорочна стабилизација на општеството со мерки за подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Бевме свесни дека Македонија во ваква состојба бара реален и одржлив пристап во враќањето на стабилноста и дека, никој од нас не очекува популистички наддавања кои не соодветствуваат со државотворниот пристап на Социјалдемократскиот сојуз. Сите кои учествувавме во подготовката на политичката програма бевме едногласни околу фактот дека финансиската зависност од државата на социјално загрозените, невработеноста, сиромаштијата, нестабилноста на работните места и партиската подобност како критериум за вработување се факторите кои влијаат на мотивираноста на граѓаните самостојно да одлучуваат за сопствената иднина, независно од политичките притисоци и заплашувања од страна на власта. Сметаме дека, подобрувањето на стандардот на граѓаните и намалувањето на процентот сиромашни граѓани ќе ги врати предусловите за одговорно и критичко граѓанство. Знаеме дека, воспоставувањето на еднакви можности во остварување на правата на граѓаните и враќањето на работничките права се превенција од злоупотреби и манипулации за партиски цели. За таа цел, под мотот „Да ја вратиме средната класа“ СДСМ го посети секое населено место во Македонија, разговаравме со секој граѓанин, остваривме средби со здруженија на граѓани, занаетчии, стопанственици ..., се` со една цел – да им ги претставиме мерките од програмата и со нивните сугестии и забелешки да ги подобриме. На крајот од оваа прва фаза, заклучивме дека мерките од програмата се прифатени и поздравени од граѓаните, дека сме на сигурен пат и дека заедно со граѓаните и нивните бројни предлози го имаме решението за подобра Македонија. За истакнување се бројните средби на претседателот Заев и заменик претседателот Шеќеринска со релевантни претставници на меѓународната заедница кои го поздравуваат пристапот на СДСМ кон приоритетите за граѓаните и за државата. Овие и уште многу други активности кои не ги спомнав полека но, сигурно го даваат очекуваниот резултат – во контикуитет се зголемува рејтингот на СДСМ и поддршката за промовираните мерки; претседателот Заев во континиутет ги освојува симпатиите кај политички неопределените граѓани, а се` поголема поддршка доаѓа и од симпатизери и разочарани членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се должи на неговиот искрени чесен пристап како визионер и искусен градоначалник кој Струмица го направи светски препознатлив град.  За партијата е најважно дека граѓаните ги препознаваат политиките и програмата на СДСМ и веруваат дека во Македонија може да се живее многу подобро и поизвесно од сега.

 

СКАЈ:  Кога планирате да ја промовирате во пакет новата програма на СДСМ?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: СДСМ во континуитет ќе продолжи да ги промовира мерките и политиките од програмата, една по една, во сите области од општественото живеење – образование, здравство, труд и социјала, инфраструктура, земјоделие, култура, демократија и владеење на правото ... Нашата цел е на граѓаните да им ги претставиме сите мерки и заедно со нив да ги направиме поостварливи. Сакаме да знаат дека СДСМ е партијата која има визија и програма за долгорочна стабилизација на државата и враќање на системот на здрав колосек. Сакаме граѓаните да знаат дека, имаме сериозна намера, заедно со нив да ги вратиме изгубените вредности – трудољубивоста, чесноста, почитувањето, достоинството, солидарноста, правдата, еднаквоста, сигурноста. До партијата секојдневно стигнуваат нови идеи, предлози и сугестии од граѓаните. Многу од нив станаа дел од програмата. Политичка програма на СДСМ е одраз на нашата визија за Македонија и барањата на граѓаните за подобра и посигурна иднина за себе и за своите деца.

 

СКАЈ: Дали одлучивте кој ќе биде претседателски кандидат поддржан од СДСМ за следните избори, и кој би бил?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: СДСМ посветува сериозно внимание на претседателските избори, начинот на нивното спроведување, а пред се` на изборот на кандидатот за претседател. За партијата претседателските избори отсекогаш имале исклучителна важност, заради надлежностите и правата кои произлегуваат од функцијата и заради фактот што СДСМ во историјата на Македонија имал двајца исклучително добри претседатели кои имаат значајни придонеси во надворешнатаи внатрешната политика на РМ. Сметаме дека кандидатот на СДСМ треба да ги исполни очекувањата од функцијата претседател не само на членовите и симпатизерите на партијата, туку на сите граѓани на РМ, без разлика на верска, етничка и друга припадност. Треба да знае да се носи со предизвиците од внатре и од надвор; да биде коректор на политиките на Владата во делот на заедничката надлежност. Треба да биде човек со изграден авторитет и почитуван помеѓу граѓаните, но пред се` треба да биде добар познавач на глобалните политички текови и приоритети од кои зависат одредени процеси во Македонија. Нашиот кандидат треба да знае како се лобира за Македонија во меѓународната заедница, да знае како да се вратат изгубените и разочараните поддржувачи на Македонија. Во периодот што доаѓа, органите на партијата ќе имаат можност да дискутираат и да одлучат за кандидатот на СДМ за претседател на РМ.

Во едно сме сигурни, а тоа е дека кандидатот на СДСМ во 2014 година ќе биде претседател на РМ.

 

СКАЈ: Ќе ве изненадат ли во пакет со претседателските, предвремени парламентарни избори?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: СДСМ знае да ги предвидува потезите на оваа власт, така што за нас ништо нема да биде изненадување. Прашањето е колку власта навистина сака да оди на предвремени парламентарни избори. СДСМ има јасен и недвосмислен став по прашањето на изборите. Усогласен изборен законик и прочистен избирачки список согласно препораките на ОБСЕ и ОДХР се предуслов за релативно фер шанси за изборна трка. Сметаме дека, регуларни и законски подготвени и спроведени избори не треба да бидат цел и барање само на СДСМ како партија, на нејзините членови и симпатицери. Напротив, законски подготвени и спроведени избори треба да бидат барање од сите граѓани кои со својот глас одлучуваат кому ќе му ја дадат довербата да одлучува за нивната иднина и иднината на нивните деца. Секој што го користи правото да избира, има право да бара почитување на тоа негово право, без да биде изложен на закани, уцени, притисоци, корупција и страв. Изнудениот глас не носи извесност и сигурност. Тој е само одложен пораз. Ги знаеме сите активности на власта во таа насока изминатите изборни циклуси и ќе им биде тешко на ист начин и со исти средства да извојуваат уште една пирова победа.

 

СКАЈ: Какви се шансите на опозицијата во време на медиумски мрак и со само неколку интернет портали кои се критички настроени кон власта, да допре до граѓаните и да ги охрабри да не се плашат и масовно да излезат на избори?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: Медиумскиот мрак не е проблем само на опозицијата, туку на сите граѓани кои сакаат објективно и слободно информирање. Со својата политичка пропаганда и 35 милионскиот годишен буџет за рекламирање на реформи кои имаат само информативен ефект, Владата успеа да ги одврати граѓаните да гледаат информативни имисии на провладините медиуми. За тоа зборува и податокот дека, ако до пред некоја година не толку голем процент од граѓаните го користеа интернетот како извор на информации, сега повеќе од 63% од граѓаните се информираат преку интернет. Партиските активности зад нас во прва фаза се само доказ дека непосредната комуникација со граѓаните е најдобра, и дека самите граѓани во време на медиумски мрак се најдобри медиуми. Во непосредната комуникација граѓаните го зборуваат она што не можат/не смеат/се плашат да го кажат јавно, преку социјални мрежи, на телефонска анкета, пред институциите. Оддаваме признание на сите медиумски работници кои преку својот говор и пишан збор останаа на браникот на слободата на информирањето и пркосат на власта која грубо корумпира. СДСМ посветува сериозно внимание на начинот на информирање на граѓаните за нивните права и слободи за време на избори. Укажувајќи на правата и слободите, ќе ги потестиме и надлежните на нивните обврски и одговорност за злоупотребите и уцените.  

 

СКАЈ: Дали мислите дека ве прислушкуваат?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: Не мислам, знам.

 

СКАЈ:  Вие откривте детали за опремата за прислушкување и пресретнување на комуникации која е пренесена во МВР, иако првично била наменета за факултетска лабораторија. Се заинтересира ли некој за овие тврдења, па макар и меѓународната заедница?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: Како граѓанин, а пред се` како службено лице од позиција на продекан за настава на Факултетот за безбедност во Скопје, јас ја исполнив мојата обврска по законот за кривичната постапка. Сознанијата и доказите за грубото и противзаконито изигрување на конкурсот на Министерството за образование и наука за опремување на лабаратории за високообразовните институции, од страна на службени лица во универзитетот и две министерства во март се предадени во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал. Станува збор за компјутерски хардвер и совтвер за следење на електронски комуникации, електронски микроскоп и автоматизиран систем за регистрација на траги од папиларни линии во вкупна вредност од близу 3 милиони евра. Поведена е проширена истрага за кој лично не верувам дека ќе има епилог во мандатот на оваа власт. Но, верувам во силината на доказите и во совесноста на обвинителот што ја води истрагата. Поради откривањето на оваа милионска афера, противзаконски бевме разрешени како тогашно раководство на Факултетот за безбедност Скопје, од страна на „независниот“ ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, која покажа како не треба да се брани автономијата на универзитетот и како не треба да се почитува законот. До мене стигнаа заканувачки пораки и препораки, но тоа не ме поколеба во исправноста на постапката. Соодветните органи се запознаени со тоа и тоа е доволно. Во меѓувреме се случија кадровски промени во ресорите вклучени во случајот, но за жал до ден денес одговорните не се ни обидуваат да го решат случајот, туку во континуитет продолжуваат со незаконити дејствија. Интерес пројавија и релевантни фактори од земјава и од меѓународната заедница кои се во тек со случувањата. Во ваква медиумска поставеност искрено не очекував голем интерес за случајот, иако за ваков случај во развиени демократии паѓаат влади.

 

СКАЈ:  Како ги оценувате меѓуетничките тензии кои се случуваат спорадично пред и после некои настани?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: И тие како и сите останати потези што ги прави власта се препознаени од граѓаните. Минатите искуства покажаа дека секогаш кога власта треба да сокрие нешто од граѓаните или да го дефокусира вниманието од настани и случаи, прибегнува кон манипулација на меѓуетнички план. Стојам на ставот дека хранењето и поттикнувањето на етноцентризмот има негативно влијание врз меѓуетничкиот соживот во РМ и е несвојствен за периоди кога различните етнички заедници во Македонија ги обединуваат наднационални интереси за кои постои политички консензус – интеграциите во ЕУ и НАТО. Сметам дека граѓаните се повеќе ги препознаваат режираните кризи и инциденти и успеваат да не станат дел од матрицата на делување на поттикнувачите. Меѓуетничкиот соживот и меѓуверската толеранција се столбовите на националната безбедност на РМ. Најодговорна за нејзино обезбедување е извршната власт, а обврската е подеднаква за сите граѓани.

 

СКАЈ:  Сметате ли дека Македонија е во добра безбедносна состојба во моментов?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: Македонија е во лоша безбедносна состојба. Кога ја давам оваа оценка го имам во предвид современиот концепт за безбедноста кој не се темели на традиционалното толкување на безбедноста како состојба на отсуство на закана од вооружен конфликт. Современиот концепт за безбедноста во себе вклучува повеќе категории на варијабли според кои се мери безбедноста состојба: социјални и етнички односи, владеење и политички институции, човекови права, стапка на криминалитет, економска структура и перформански, еколошка средина и надворешни влијанија. Ако се вратите на првото прашање во кое веќе ги спомнав дел од состојбите во овие сфери, не треба да бидете стручни да заклучите дека Македонија е прилично небезбедна земја. Впрочем, пред неполни десет дена врз основа на слична методологија со оценки за небезбедна земја со услови за социјални конфликти, излезе и влијателниот весник Економист. Земете ги во предвид овие категории на варијабли, анализирајте ги состојбите во нив и сами ќе дојдете до заклучокот за ефектите од владеењето на оваа власт.

 

СКАЈ:   Што очекувате да се случува во 2014 година на политички и безбедносен план?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: На политички план во 2014 година очекувам СДСМ со победата на претседателските избори да го најави падот на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е доволен предуслов за реализација на политичката програма на СДСМ која ќе ја стабилизира државата од сите аспекти, ќе го врати поредокот и интегритетот на институциите, и ќе обезбеди извесна и сигурна иднина на граѓаните и нивните деца.

 

СКАЈ: Што ќе им порачате на граѓаните на Република Македонија во новата 2014 година?

ФРОСИНА РЕМЕНСКИ: На сите граѓани на РМ им посакувам здравје, спокој и љубов.  Посакувам мудрост и разум во годината што доаѓа, исполнета со предизвици од кои зависи нашата иднина и иднината на нашата татковина и нашите деца. 

Јован Соколовски

спонзориран линк:

(adverts)