Интервју со Стефан Богоев: Младите се подготвени за промена на власта

Интервју со претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија, Стефан Богоев за sdsm.org.mk

На кои приоритети ќе се фокусира СДММ во претстојниот период како подмладок на најголемата опозициона партија?

Богоев: СДММ како дел од СДСМ која е државотворна партија во наредниот период ќе посвети најголемо внимание на најгорливите проблеми поврзани со младите, а тоа се енормно високата младинска невработеност и одливот на млади кадри надвор од државата. Невработеноста кај младите во последниве неколку години стагнира и се движи околу 58% што ја прави нашата држава заедно со Косово шампиони на Европа во оваа дисциплина, а не сместува на пиедесталот и во светски рамки.

Истовремено, како резултат на младинската невработеност се поголем и поголем број на млади луѓе, не гледајќи иднина во сопствената држава, бараат спас во странство. Иако со години алармиравме за овој проблем власта остана глува. Ова ја вклучува црвената тревога во СДММ.

Во наредноиот период на секој начин ќе се обидеме да го разобличиме ова во јавноста, а притоа во рамки на Програмата за враќање на средната класа ќе промовираме и ќе понудиме низа мерки за надминување на овој проблем. Секако, ова се предлог мерки и е отворена секоја можност за критика, сугестија и предлог за подобрување на истите.
 
Кои мерки од новата програма на СДСМ би ги издвоиле како најинтересни за младите во Македонија?

Богоев: Во новата Програма на СДСМ особено внимание е посветено на мерките кои имаат за цел да ги решат најгорливите проблеми поврзани со младите. Целиот пакет на мерки ќе обезбеди подобро образование, пракса, како и креирање на работни места за младите.

Честопати сме сведоци на огласи за вработување, иако за волја на вистината се помалку и помалку ги има, во кои се бара претходно искуство. Токму затоа нудиме финансиска поддршка за секој оној кој ќе прими на пракса млади луѓе, а барем дел од нив по завршувањето на праксата ќе ги задржи на работа. Младите ќе го стекнат потребното искуство и ќе бидат подготвени за да се понудат на пазарот на трудот.

Друга мерка која сметам дека е од особено значење за младите се бизнис инкубаторите преку кои секоја година ќе се доделуваат по 10.000 евра неповратни средства за креативни бизнис идеи. За разлика од власта која нуди скромни 3 000 евра и дополнително бара да ги вратите, ние добрите бизнис идеи, како и младите претприемачи ќе ги помогнеме дополнително и притоа нема да има потреба ниту да ги вратат средствата ниту да учествуваат во некаква лотарија.

Мерка која што лично мене највеќе ми се допаѓа е помошта за вработување на децата без родители. Во рамки на оваа мерка, работодавачот кој ќе вработи некој од овие млади луѓе во првата година ќе биде помогнат од државата со 70% од висината на просечната плата, а ќе биде должен да ги задржи овие млади луѓе најмалку и во наредните две години.

Се на се, СДСМ и СДММ имаат одлична понуда на мерки за кои сме сигурни дека пред се ќе ги задржат младите во државата и ќе го направат нивниот живот подобар. Веќе наидуваме и на позитивни реакции од јавноста која е се по заинтересирана за нашата нова програма.

Кои се најгорливите проблеми на младите денес во Македонија и како ќе се решаваат кога СДСМ ќе ја преземе власта?

Богоев: Уф, од каде да почнам!? За жал, моменталната ситуација во државата воопшто не е поволна за младите. Бројни се проблемите, почнувајќи од катастрофалните услови по студентските домови, образованието кое е далеку од добро организирано и воопшто не е бесплатно како што тоа пробува власта да го презентира…

Но кога би требало да издвојам, тоа би било дефинитивно високиот степен на младинска невработеност и некреирањето на нови работни места што подоцна резултира и со иселување на млади кадри од државата. Токму затоа овие работи погоре ги идентификував како приоритети за СДММ, а за решавањето на овие проблеми СДСМ има одлична понуда.

Бројните мерки кои ги предлагаме и ги споменав погоре се креирани со бројни истражувања и анализи, а дел од нив се и превземени како успешни практики од странски земји. Реални се и остварливи и дефинитивно ќе придонесат кон отварање на нови работни места и задржување на младите во РМ. Со една реченица, кога СДСМ ќе ја превземе власта нема да се трошат непродуктивни средства на споменици и фонтани, туку ќе се градат нови студентски домови, ќе се обезбеди бесплатен превоз за студентите, ќе се реформира образованието и ќе се стимулира отварање на нови работни места за младите.

Просто и едноставно!

Што би им порачале на младите, зошто да бидат дел од СДММ?

Богоев: Многу млади во државава имаат на некој начин аверзија кон политика. И тоа е до некаде очекувано бидејќи тоа е она што се обидува да го направи власта, да ги оттргне сите здрави разуми и бистри умови кои можат да и ги поматат сметките. Тие многу добро знаат дека насекаде во светот, младите се тие кои се бунтуваат и ги носат промените, па токму нив гледаат да ги избркаат и да ги замолчат. Ние тоа нема да го дозволиме!

Најпрво ќе разобличиме во јавноста се што оваа власт прави, а е на штета на младите, потоа ќе продолжиме со конкретни мерки за подобрување на животот и образованието на младите и на крај од човек на човек ќе се обидеме да го објасниме сето ова и да им укажеме на младите колку секој од нив ни е битен и колку секој може да направи промена.

СДММ е единствената голема и добро организирана политичка младинска организација која може да се спротивстави на погрешните политики на власта и е организација во која секој може да го каже својот став, да го наметне своето мислење, да ја гради успешно својата политичка кариера и да се стекне со политичко образование. Секако, во сето ова неизоставен дел е дружењето со останатите другари и другарки.
 
Кои активности можат да се видат во агендата на СДММ за овој месец?

Богоев: СДММ во моментов активно работи на заокружување на процесот на екипирање. Како што знаете, низ една фер и демократска постапка беа избрани претседател и централните органи на СДММ, па во иста таква постапка делегатите по локалните клубови низ сите општини низ државата имаат можност да си изберат претседател и членови на извршниот одбор. Изборните конференции насекаде низ државата ги користиме ние како централно раководство за да ги посетиме младите, да ги кажеме нашите но и да ги слушнеме нивните идеи за работењето на СДММ и локалните клубови.

Паралелно со внатрепартиските избори и посетите на локалните клубови ширум земјата, интензивно работиме и на кампања по социјалните мрежи за промоција на мерките од партиската програма се со цел да ги запознаеме младите со нашата понуда, а во наредниот период активно ќе се вклучиме и во теренските кампањи на партијата.

Ја интензивираме и соработката со останатите подмладоци од коалицијата и со граѓанскиот и невладиниот сектор, како и со меѓународните организации во кои членуваме. Работиме и на повеќе други проекти кои нема да ги споменам и ќе оставам да бидат пријатно изненадување.
 
Подготвени ли се младите во Македонија за промена на власта?

Богоев: Јас сум убеден дека се подготвени! Нема повеќе млад човек во државава кој може да го толерира иселувањето на младите и катастрофалните услови за вработување, образување и живеење по студентските домови.

Доказ за тоа е и огромната поддршка која ни пристигнува од ден во ден како и интересот за мерките од програмата наменети за младите. Сето ова ни дава уште поголема желба и мотив за работа. Оваа година ќе биде година во која младите ќе си ја превземат иднината во свои раце и ќе кажат стоп на расипничкото трошење на оваа власт! Ова е година на пресвртот, година која драстично ќе го промени и подобри животот на младите во Македонија, а СДММ одлучно и одговорно ќе застане на чело на целиот овој процес!

спонзориран линк:
Loading...