СКАЈ ИНТЕРВЈУ СО ЗОРАН ЗАЕВ: Почнавме незапирлив процес, го трасираме патот на слободни и еднакви граѓани во европска Македонија

Првото интервју на лидерот на СДСМ, Зоран Заев по формирањето на преодната влада за Скај:

Г-дине Заев, новите министри од редовите на СДСМ, како и нивните заменици стапија на должност. Имате ли некаква слика, некакви откритија за тоа што се случувало во тие министерства во изминативе години?

- Каква збоупотреба се случувала на министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за земјоделство, за администрација, изминативе години, сликата ја имаат сите граѓани на Македонија. И не само сликата, туку граѓаните слушнаа и конкретни снимки, докази за тоа, во проектот Вистината за Македонија. Овие злоупотреби се предмет на Специјалното јавно обвинителство. Министрите и замениците министри од СДСМ се во министерствата за да спречат понатамошни противзаконски манипулации со полициските надлежности, дрски уцени на граѓаните со нивната социјална помош, со субвенциите што им следуваат по закон, да спечат закани кон администрацијата, по нивните работни места, за партиски цели на Груевски и тесната група на власт. Секако, присуството на претставниците на СДСМ во преодната Влада можам да кажам дека ги дава првите очекувани резултати, релаксирање на граѓаните, кои приоѓаат и сакаат да помогнат во процесот за нормализација на Македонија што го почнавме. Убеден бев дека во Македонија има многу професионалци кои си ја сакаат земјата и на кои им е потребна шанса да го дадат својот придонес и среќен сум што се случува тоа.

 

Власта заедно со медиумите под нивна контрола постојано прави опструкции на новите министри, обвинувајќи ги за `се и сешто. Како го коментирате тоа?

-Очекувано, соочена со сопствената немоќ, ВМРО-ДПМНЕ ја користи црната пропаганда. Тоа го прават веќе 10 години. Вака грубо речено, отпеана е таа песна на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните знаат кој им одзеде 10 години живот. На 24 април граѓаните ќе си го вратат назад својот живот. СДСМ создава услови тоа да се случи.

 

Деновиве се објавуваат снимки од возилото на министерот за внатрешни работи и тоа како се движи на разни локации. Сметате ли дека се уште некој ги следи движењата на високите опозициски функционери? Мислите ли дека се уште се прислушкува во Македонија?


-Проектот Вистината за Македонија покажа дека секој кој ја злоупотребил својата службена положба и овластување, порано или подоцна ќе биде соочен со сопствената одговорност. Бегање нема.

 

Можно ли е да очекуваме директор на УЈП и на некои битни институции од редовите на СДСМ?

- Ние сме насочени кон ослободување на контролните тела од тесно партиските стеги на ВМРО-ДПМНЕ. Jа враќаме контролата кај граѓаните. УЈП и другите контролни органи мора да работат исклучиво во интерес на граѓаните. Начините како да се обезбеди тоа се различни, но за нас најважна е целта и од неа нема да отстапиме. УЈП повеќе не смее да пишува казни во илјадници евра со цел да рекетира и заплашува фирми. Институциите мора да работат по закон и законот за секого да важи подеднакво. Никој нема право да ги малтретира граѓаните. Секој граѓанин, бизнисмен, професионалец во приватниот сектор, во администрацијата, може да пријави притисок, а казните, знаете, се до затворски. Дојде време кога уценувачите треба да се плашат од граѓаните. За нас најважно е да ја обезбедиме слободната волја на граѓаните. За тоа сме во преодната Влада, а не за да владееме со ВМРО-ДПМНЕ, така што единствено кон тоа сме фокусирани.

 

Деновиве отпочна со работа специјалната јавна обвинителка. Како што е договорено, прислушуваните материјали и докази за кои има индиции дека е сторен криминал вие треба да ги предадете на Специјалното обвинителство. Кога и на каков начин ќе ги предадете овие материјали? Дали сите материјали ќе ги предадете одеднаш или во етапи?

- Како што ветивме на граѓаните, сите материјали ќе ги доставиме до Специјалното јавно обвинителство. Во врска со начинот на предавање на материјалите, ќе постапиме според закон, како што ќе побара специјалната обвинителка.

Најавите дека има материјали за Смиљковско, за А1, за случајот Шпион... дали освен тие материјали до вас има стигнато докази и за уште пострашни или барем од ист калибар политички бомби во изминатиот период? И доколку има, што би можело да очекуваме да предадете на Специјалното јавно обвинителство?

- Јас им ветив на граѓаните на Македонија и тој збор ќе го одржам. Сите материјали што ги имам, ќе ги доставам до Специјалното јавно обвинителство. Никој нема право да ја сокрие вистината од граѓаните на Република Македонија. Од она што го гледам, специјалната обвинителка работи транспарентно, така што очекувам дека граѓаните многу брзо ќе ја дознаат вистината и тоа како што е ред, преку една независна институција. Специјалното обвинителство ја има таа историска одговорност да ја утврди вистина, да ја изнесе на виделина по институционален пат, а оние кои се огрешиле пред граѓаните и пред законот да ги соочи со сопствената вина и со правдата.

 

Поседувате ли некакви докази за настаните за Куманово кои би можеле да бидат од интерес на специјалната обвинителка?

Се што поседувам ќе биде доставено до специјалната јавна обвинителка.


Ова е недела на преговори околу медиумските закони. Дали ќе барате да се намалат казните за клевета врз новинарите? Ќе понудите ли предлози за заштита на новинарите од притисоци, уцени и казни?

- СДСМ во однос на овие прашања е целосно на страната на новинарите. Што се однесува до нашите позиции во преговарачкиот процес, ние ги градевме и пред почетокот, низ контакти, консултации, сугестии, мислења со бројни претставници на новинарската заедница и експерти во областа, а и сега сме во редовни контакти со фелата. Јасно е дека најголем дел од медиумите во Македонија се под контрола на власта на Груевски и јасно е дека се потребни брзи и ефикасни механизми со коишто ќе се гарантира минимум заштита од злоупотребите на медиумите што ги прави власта на Груевски, во овој период до изборите. Не е во ред да зборувам за текот преговарачкиот процес, но ве уверувам дека сега обезбедуваме пат кон слобода на медиумите во Македонија, што СДСМ ќе ја врати по 24 април, исклучиво на начин и форма договорени со новинарската заедница.

 

Се зголемува црната кампања која провладините медиуми ја шират за СДСМ. Како планирате да се справите со ваквиот вид на кампањи?

- Не остана аргумент што ќе ги оправда катастрофалните политики на Никола Груевски и неговите соработници. И лагите имаат свој век на траење, и нивното време помина. Граѓаните гледаат во своите празни паричници, гледаат во своите празни фрижидери и знаат колку лошо живеат. Затоа граѓаните не веруваат повеќе на виртуелните инвестиции и виртуелните работни места со коишто и сега, на крајот на мандатот, Никола Груевски секојдневно се расфрла. Последната лоша вест, дека 1.000 рудари остануваат без работа и дека е загрозена егзистенцијата на нивните семејства, потврдува колку е лоша економската сотојба во земјава. Ако над половина милион, 626.312 граѓани ја напуштиле земјата во потрага по егзистенција надвор, тоа значи дека луѓето многу добро знаат дека работите во државата не чинат. Ни Курир од каде Груевски ги диктира вестите, ни Сител, ни Канал 5, ни Алфа, ни Прес 24, Дневник, или кој и да е медиум под негова контрола, не може да ја сокрие реалноста. Ние сме фокусирани пред `се на директни контакти со граѓаните со кои ја договараме новата Програма и во таа насока продолжуваме да работиме, со цел да создадеме услови да ги вратиме иселените граѓани назад во државата, а оние кои се овде, пред `се младите, иднината да ја гледаат во својата земја. Се бројат денови до заминувањето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, ни црна, ни бела кампања не и помага повеќе на оваа расипничка и корумпирана власт.


Гледам колку се труди деновиве Груевски да се оправда пред неговите разочарани соработници со бројки што, кажано со негов речник,ги сече, лепи, монтира преку медиумите под негова контрола. Како велат постарите, нема фајде ако се лажеш себе си. Расположението на граѓаните се гледа и се чувствува. Но секако дека правиме и истражувања на јавното мислење. На 24 април доаѓа вистинската анкета којаштоноси радост за граѓаните на Република Македонија, промени и победа на европска Македонија.

 

Со оглед дека ги претставивте сите столбови од Визијата за Македонија. Какви проекти и активности на опозицијата може да очекуваме во периодот што следи?

- Да, веќе подолг период сме во интензивни контакти со граѓаните, со експертската јавност, со невладинот сектор во рамки на проектот Визијата за Македонија. Одржавме околу 30 отворени граѓански дебати низ Македонија, ги забележавме мислењата и сугестиите на граѓаните и стручната јавност, сега работиме во општинските организации на СДСМ, го слушаме мислењето на поддржувачите и симпатизерите на СДСМ, а на крајот од процесот ќе одржиме тематски конгрес на кошто ќе ја заокружиме новата Програма на СДСМ. Таа Програма ќе биде од и за граѓаните на Македонија и ќе гарантира темелна обнова на руинираниот државен систем. Тоа подразбира квалитетно јавно здравство, квалитетно образование, по успешни европски примери, Македонија којашто ќе биде едно општетство за сите, во којашто ќе живаеат слободни и пред `се еднакви граѓани. Тоа ќе го постигнеме преку враќањето на средната класа. Почнавме незапирлив процес со граѓаните, го трасираме патот на слободни и еднакви граѓани во европска Македонија.

спонзориран линк:

(adverts)