ИНТЕРВЈУ СО ДИПЛ. НУТРИЦИОНИСТ ИЛИЈА БУЗЛЕВСКИ: Со здрав концепт на исхрана против дебелината и болестите

Интервју со Дипл. Инженер технолог Нутриционист Илија Бузлевски кого резултатите од неговото работење го промовираа во еден од најперспективните дипломирани Нутриционисти  на ниво на Република Македонија.

 

 

1. Кој беше предизвикот да се занимавате со нутриционизам?

         Нутриционизмот, покрај тоа што е егзатна наука во исто време е и уметност, со која им се помага на луѓето да ја добијат посакуваната телесна тежина и да добијат убаво оформено тело, а воедно да го зачуваат и унапредат најголемото богатство што го поседуваат – здравјето. Воедно Нутриционизмот е и хумана дејност будејќи им помага на многу болни при нивното лекување, а притоа се постигнуваат многу добри резултати.

         Стручност , уметност и хуманост, сето тоа споено во едно, зарем може да има поголем предизвик?

2. Дали современиот начин на живот се одразува врз нашиот начин на исхрана?

         Да, темпото кое го наметнува современото живеење во голем обем се рефлектира врз начинот на исхрана. Се конзумира многу од таканаречената брза храна – особено младите, потоа пржена храна, процесирани месни производи, храна со многу адитиви, емулгатори и конзерванси. Исто така не се внимава на бројот на оброците, нивниот обем, количината на внесена течност итн. Сето тоа негативно се одразува врз човековото здравје.

 

3. Каде е тука Вашата улога како стручно лице?

         Тука треба со стручни совети да се помогне во таа проблематика за менување на лошите навики, а во врска со исхраната. Здравиот начин на исхрана треба да биде приоритет на секоја индивидуа, а со едукација треба да се започне во најраната возраст во семејството. Здравиот начин на исхрана сеуште не го добил вистинското место кое го заслужува бидејќи придобивките од него се непроценливо позитивни по нашето здравје.

 

 

4. Што спрема вас претставува здрав начин на исхрана?

 

         Пред се, исхраната треба да биде разновидна, избалансирана и да опфаќа се она што му е неопходно на организмот за задоволување на физиолошките потреби за нормално функционирање. Тоа е храна која со квалитетот, обемот и структурата го чува и унапредува нашето здравје. Со други зборови во нашето мени најголемо место треба да му припаѓа на свежиот, пред се но и варен зеленчук, овошјето, преку кои се добиваат најмногу витамини, минерали, сложени јаглехидрати и антиоксиданси кои не штитат од штетните влијанија на слободните радикали. Потоа посните меса и риби, млека и млечни производи со ниска масленост од кои ги добиваме есенцијалните аминокиселини кои човекот не може сам да ги синтетизира, а од групата на масти во нив повеќе се присутни незаситените масти кои се корисни за човекот. Овде ја вклучуваме и органската храна која добива се повеќе на важност и тоа со право бидејќи таа е и храна на иднината. Покрај квалитетот на храната, важен е и обемот – количината на дневните оброци и нивниот број, но и комбинациите на хранливите продукти. Не помалку важен елемент е и количината на внесената течност за нормално одвивање на сите физиолошки процеси во организмот.

 

5. Од ваше искуство кој Ви се обраќа за совет и помош и за каква проблематика?

         Најголем број од луѓето кои доаѓаат во центарот за здрава исхрана се за регулирање на телесната тежина, но истотака и луѓе со други здравствени проблеми, пример хипертензија, срцеви заболувања, постинфарктни сосотојби, мозочни инсулти, дијабет, зголемени маснотии во крвта, бубрежни заболувања итн. Истотака за совет се обраќаат и спортисти, бремени жени, доилки.

 

6. Први ги спомнавте луѓето кои Ви се обраќаат за совети за регулирање на телесната тежина.  Дали случајно или...... ?

         Не случајно. Познато дека дебелината почнува да добива се поголеми размери помеѓу популацијата на глобално ниво. Дебелината може да биде примарна, како резултат на неадекватна исхрана во однос на потребите или секундарна, како резултат на одредени заболувања, пред се хормонални. Од друга страна, таа е ризик фактор за други заболувања. Кардиоваскуларните заболувања на светско ниво се движат од 50 до 60 проценти од сите заболувања, а битен фактор за настанување на истите е дебелината. И бројот на заболени од шеќерна болест е во подем, а дебелината и тука е еден од факторите за нејзино настанување. Вишокот на килограми го оптеретува и скелетниот систем, па заболуваат и зглобовите, кичмениот столб итн.

         Да сумираме дебелината, која сама по себе е патолошка состојба допринесува за добивање на други сериозни заболувања

 

7. Често слушаме за разни диети практикувани и спроведени на различни начини, па се запрашуваме која е најдобрата ?

         Диетите се строго индивидуални програми за исхрана наменети за регулирање на телесната тежина. Кога се изработува една стручна диета се зема во предвид пред се пол, возраст, висина, тежина и активностите со кои се занимава индивидуата, пред се физички, а и здравствената состојба. Само на таков начин изработена диета од стручно лице со високо образование може да биде од полза за оној за кого е наменета. За други таканаречени диети нестручно изработени и од неовластени лица не би се произнесувал, само имам морална и професионална обврска да нагласам дека таквите таканаречени диети можат да дадат сериозни пореметувања во организмот со големи последици.

         Намалувањето на телесната тежина треба да биде строго регулирано, планирано и контролирано по научни стандарди, во определени периоди.

 

 

8. Дали спроведувањето на диета значи гладување и дали е особено тешко до убаво тело да се дојде на тежок начин?

         Во никој случај барем јас не сум слушнал од луѓето кои доаѓаат кај мене дека им е тешко – напротив. Во стручно изработена програма за исхрана има се она што му е потребно на организмот за нормално функционирање. Таа е комбинација на здрава храна во соодност и количина за да ја постигне целта за што е и направена. Преку овие програми за исхрана луѓето отфрлат многу лоши навики во исхраната, а ги заменуваат со здрави навики. Со тоа многу си продонесуваат за своето здравје.

 

9. Изреката вели- јадеме за да живееме, а не живееме за да јадеме нели?

         Да, изреките носат со себе многу позитивни пораки. За да успееме во животот покрај другото треба иницијатива, упорност и енергија, а таа доаѓа преку исхраната. Затоа луѓето треба здраво да  се хранат, да одвојат време за повремени физички активности, да бидат позитивни и добивката кон нивното здравје ќе биде огромна.

 

Дипл. Инженер технолог Нутриционист

Бузлевски Илија

https://www.facebook.com/Nutricionist.net/?fref=ts

www.centarzazdravaishrana.mozello.com

Loading...