Кинезите наскоро ќе купат сè што вреди во Македонија

„Макфакс“ разговараше со загрепскиот новинар, кој спаѓа меѓу најзначајните новинари од некогашна Југославија и веќе четири и пол децении пишува за воени прашања, оружје, политика, економија, геополитика, шверц, естрада, убави жени…

 

Бил уредник на некогаш престижните магазини „Старт“, „Данас“, „Плејбој“, и првите хрватски таблоиди „Глобус“ и „Национал“, што во деведесеттите се продаваа во тираж стотици илјади примероци.

Последнава деценија и пол повеќе се занимава публицистика. Неговата книга „Мајмуни, гангстери и херои“ беше бестселер во Хрватска, Србија и БиХ. Книгата „Тито – нераскажани приказни (Тајната империја на Јосип Броз-Тито)“, издадена во БиХ пред 5 години, ја напиша со историчарот-истражувач Вилијам Клингер од Риека, кој почина минатата година. Таа го претставува Тито како конспиратор и мајстор за преживувањето во историските турбуленции на Балканот во дваесеттиот век.

 

Овие денови по повод 25 Мај повторно ќе се разбуди носталгијата за Тито и(ли) обвиненијата за неговата историска улога. Пишувате уште една книга за Тито…

Првата книга содржеше само документирана граѓа. Книгата што неколку години ја пишувавме со Вилијам Клингер е завршена пред неколку месеци и сега е во фаза на лектура и коректура. Го сумирав ликот и делото на Тито на околу илјада страници, од кои 300 заземаат фусноти со извори на податоци и литература. Тоа е навистина прегнантен текст бидејќи е опфатен голем временски период. Книгата има 50 кратки поглавја, а Американецот што ја читаше (инаку, издавач на делата на Владимир Дедијер во САД), вели дека има темпо во сторијата, не е развлечена напроти должината. Приказната за Тито е толку комплицирана, контекстот е толку разностран, а мистеријата длабока, па не беше лесно да се помине низ сето тоа и да се поентира без вообичаените гњавеж и мрсомудење во стилот на академските историчари. Сепак, ќе се обидам да синтетизирам во неколку зборови. Според оригиналните архивски истражувања, утврдивме дека Тито бил агент на Коминтерната од 1918 година, водел војни на целиот Медитеран кои не прекинеле до 1949 година, а потоа Сталин го исфрлил од комунистичката заедница (Информационо биро) бидејќи не му одговарало да се води воена политика во Европа. Сталин го префрлил тежиштето во Азија, каде што тогаш се воделе одлучните битки за ширење на комунизмот. Тоа е првиот чин, а ги има вкупно три.

 

 

Што ќе се случува со регионот? Дали грешам со констатацијата дека свои граници денес на Балканот исцртаа две некогашни империи, Австроунгарската (ЕУ) и Турската, а и Русија сака да се вмеша?

Немојте да гледате така на тоа, не постоиме „ние“, па потоа ќе дојдат „тие“, па нешто се мешаат. „Ние“ не постоиме надвор од форматот на големите империи чиј дел сме биле. Овде нациите се нови, мали, импровизирани и занемарливи, главно не се историски субјекти. Кралот Александар Караѓорѓевиќ се обидел да создаде југословенски „гешталт“ (формат) во периодот кога Кемал Ататурк ја градел нацијата во Турција. Но, генијалниот Балканец со босанско и албанско потекло, роден во Солун, со сини очи и русокос, на располагање имал „глина“ од која можел да направи каква било фигура – штом се ослободил од 60 отсто од арапското население кое порано живеело во Отоманското Царство. И Тито се обидел да синтетизира сличен „гешталт“ со нова, комунистичка доктрина, и во голема мерка успеал да создаде тн. „Титова Југославија“. Но, без него воопшто не функционирала бидејќи се окружил со третокласни кретени, а колку што стареел, бирал сè поглупави соработници. Така, божем оригинално засновата држава се распадна бидејќи, всушност, беше диктатура со празна социјалистичка реторика и сериозно спонзорство од страна на Западот. Спонзорството не го добиваше Југославија туку Тито, најуспешниот антисталинист во историјата. Тито бил најдобриот ученик на Сталин и негов најголем непријател, потоа непријател на сталинистите Брежњев, Суслов, Андропов… кои го наследија Титовиот пријател Никита Хрушчов. Сега постјугословенските држави се самостојни, но бидејќи не се способни сами да функционираат – која држава денес може? – мораме итно да се интегрираме. Македонија во НАТО и ЕУ, каде што ви е местото, додека, пак, Србија макар про-форма ќе мора вообичаено да игра на двете страни…


Последниве неколку години во Вашите текстови провејуваше восхит за Турција како воена сила и силен играч во регионот и пошироко. Од друга страна, пак, се поставува прашањето за демократскиот капацитет на нејзиното општество…

Турција беше генијална држава сè до моментот кога преовлада Ердоган како ретрограден диктатор. Додека беше демократски лидер на демократската АКП (Партија на правдата и развојот), всушност беше добар коректив на истанбулската олигархија која воопшто не водеше сметка за потребите на народот. Ердоган почна да гради инфраструктура и, се чинеше, почна со вградувањето на елементите на социјалната држава. Потоа западна во тежок исламизам и започна да ги уништува турските институции. Барем да го наследеше умниот професор Ахмет Давутоглу, и оние глупави полковници да не го направија обидот со нивниот идиотски пуч. Порано пучевите ги правеа генералите и Американците, а тие се попаметни, и ќе го изведоа тоа со минимум крвопролевање и репресија, како во времето кога воведуваа капитализам и парламентарна демократија. Немаме полза од ваква Турција, единствено нивните корпорации и натаму се одлични инвеститори и деловни партнери.

 

Ќе има ли Трета светска војна? Трамп, Путин, Кинезите… Постои ли уште некој важен играч на светската мапа?

Кина е сила од нов вид. Ќе видите – наскоро во Македонија ќе купи сè што вреди, а вие и не знаете дека вреди. Кинезите не се брутални империјалисти кои работат сè на сила, тие не размислуваат себично, ниту краткорочно.

 

Како гледате на македонската политичка криза последниве две и пол години?

Ми се чини дека работата во основа е прилично едноставна. Имате 25-30 отсто Албанци, така ли е? Колку што можам да видам во податоците објавени во авторитативни извори, нивниот популациски пондер (демографски раст, н. заб.) е околу 40 отсто – толку е нивниот уддел во новородените. Ако инсистирате на унитарна држава, морате да го допуштите начелото еден човек-еден глас. Не можете да кажете дека нивните гласови не се сметаат, или треба да се сметаат на поинаков начин, само затоа што се Албанци. Ако не сакате да им ја признаете пропорционалната застапеност во Собранието и правото да прават какви било коалиции со кој було, тогаш ви преостанува да ја федерализирате државата. Тоа ќе ви овозможи да ги мајоризирате Албанците на државно ниво, а да им ја оставите локалната самоуправа. Трето решение нема ниту во теоријата. Ова важи на начелно ниво, а практично се работи за тоа дека демократијата треба да биде потврдена со сменливост на власта. Мислам дека македонското општество е доволно демократско. Македонците не се воинствени. Благи се, имаат чувство за хумор и ферплеј, не се како Србите или Херцеговците.


Минатата година ја посетивте Македонија и ги напишавте „најмакедонските“ зборови за Охрид, нарекувајќи го „Слатка вода на православието“, најважен христијански град не само на Балканот…

Најтажно ми беше да го гледам скопскиот антички кич во земја која го има највредното археолошко богатство од сите европски земји, освен Грција и Италија. Збирката на Археолошкиот музеј во Скопје е феноменална, единствено солунскиот музеј на Александар Македонски е повозбудлив. Ги обиколив Стоби и Хераклеја, но сето тоа бледнее во споредба со Охрид. Од Охрид започнала христијанизацијата на Словените, тука се школувале првите бискупи од словенски род, па го иницирале движењето кое стигнало до Владивосток. Осовината Византија-Киев била помалку важна. Свети Климент е најголемиот европски интелектуалец од Средниот век, заедно со Свети Бенедикт. Охридската архиепископија е најважната институција на православието, освен онаа изворната, византиската, па ми е смешно кога гледам дека Српската православна црква не ја признава македонската, иако нејзината Пеќка патријаршија повторно е воспоставена по Втората светска војна, а е и помлада од охридската едно 4-5 века. Мехмед-паша Соколовиќ ја основал Пеќката патријаршија како важна турска институција, но таа подоцна прешла под закрила на Австрија, каде што процветала. Враќањето на Патријаршијата на Косово за време на власта на династијата Караѓорѓевиќ ништо добро не и донело. Но, Охрид не е само православие – тоа е амбиент, историја, природа… Освен тоа, тука е и Преспа, сите тие чуда на македонско-бугарската екумена, која, меѓу другото, во Средниот век била единствен ентитет.

 

Речиси половина век сте во новинарството. Каква е неговата позиција сега во Хрватска и екс-Југославија?

Главно на телевизиите, доста и на интернет, а мислам дека се подготвуваат некои иновативни пробиви во новите технологии. Само, тоа нема да биде она новинарство кое ние го нарекувавме новинарство, но не е битно. Битно е да го задржиш јавното влијание и да заработиш пари. Литературните побуди треба да се сочуваат за пишување книги. Така, впрочем, беше и пред 50-60 години, кога весниците главно објавуваа само вести и карикатури. Повторно ќе биде така…

 

Вашата книга „Мајмуни, гангстери и херои“ е слика на годините на опасното живеење. Дали денес новинарството е најневажната и најспоредна работа во политиката и општеството?

Имаме голем проблем со цензурата во Хрватска, денеска би било невозможно да се напише таква книга. Политичката класа се штити – тоа се главно празноглави, слаби, недостојни и неспособни луѓе кои работат во лоши, неуспешни политички организации. Затоа и ја воведоа судската репресија. На други места проблем е власта, која е премногу осилена, но проблемот е во тоа што границата на ЕУ ги раздвои демократските и авторитарните општества. Кај Србите во секоја нивна држава имате по еден лик висок 2 метри, кој е најспособен политичар на сцената и не поднесува конкуренција, а кај вас, не знам, вашиот е доста низок…

Последниве години пишувате колумна во загрепски „Јутарњи лист“, насловена „Ронин“. Ронин е термин за осамен самурај-скитник кој го изгубил господарот… Колку го разбираат вашиот далекуисточен естетизам и етика на овие простори?

Па да, како во филмот „Јоџимбо“ на Акирa Куросава. Главно не ме разбираат – левичарите се сомневаат дека сум поткупен од десничарите, а десничарите се плашат дека, сепак, сум неизлечив левичар. Никогаш не виделе чист либерал.


Некои од Вашите некогашни колеги во новинарството станаа милионери, некои се убиени, некои се во политиката, некои од старите војнички другари станаа и претседатели, како Фатмир Сејдиу на Косово… Што би смениле во Вашата кариера кога би можеле повторно да бирате?

Би се сменил себеси бидејќи ваков каков што сум, немав премногу избор. Доста мои пријатели станаа претседатели, Фатмир, па Борис Тадиќ во Србија, а и со Иво Јосиповиќ не стоев толку лошо, но многу се разочарав од него, како и од Зоран Милановиќ. Само јадниот Иво Пуканиќ беше ликвидиран бидејќи го напушти новинарството и почна да се занимава со рекет, уценуваше премиери, а на гангстерите им даваше лажни ветувања. Тоа нема многу врска со новинарството, но има, и тоа како, со новинскиот бизнис. Мојот некогашен пријател и деловен партнер Нинослав Павиќ стана милионер, но сега е прилично пропаднат, материјално, физички и морално. А кој не е? Оваа работа го троши човекот.

Во Хрватска водите полемички војни сам против сите. Како постигнувате?

Па, настојувам тие војни да ги водам една по една, непријателот да нема шанса да ги згусне редовите. Сè уште не сум ја достигнал зен-фазата како Мијамото Мусаши, кој го победил последниот непријател без да го извлече мечот од кориците, а потоа ја напуштил мечувалската кариера и отишол во будистички храм. Победа со самата појава – тоа сè уште не сум остварил. Главно се борам во стилот Давид против Голијат, добиваш силни удари, а противникот ќе го гризнеш за ногата.

Новинарското кредо на Александар Тијаниќ, една од највпечатливите личности на преминот на двата века, беше „Не се сакам себеси кога не претерувам“. Вашето?

Аца сакаше да се прави важен, но не беше толку сигурен во себеси и своите новинарски способности, иако знаеше да исфрли силна реченица. Совршено ја разбираше политиката, тоа му беше најголема дарба. Успеа пристојно да се збогати. Книгата со полемички текстови „Јас и никој мој“ што излезе постхумно, всушност, го демистифицира. Тоа е чист револверашки журнализам, отстранети се насочните навреди, а имињата се заменети со псевдоними. Сакам да кажам, пишувањето не му беше најсилната страна. Беше успешен додека ја водеше јавната телевизија во Србија, но таа не се развиваше, ниту можеше во српското општество , како и во околните земји. Социјално, Аца беше исклучителна појава, лик за театар, за ТВ серија. Но, каде се талентите да го опишат? Тие што се доволно надарени, премногу го мразат, би испаднал како ликот на новинарот во Њушиќевата комедија „Д-р“.

Стојан Синадинов - Макфакс

Loading...