Книга и цвеќе за читателките по повод 8 Март во Ресен

Пет години по ред на 8 Март, во Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен, се одржува средба со читателките, кои имаат можност одблиску да се запознаат со литературните дела кои ги поседува библиотеката во рамките на домот, која брои над 50.0000 наслови.

 

Повеќе од 130 редовни читателки и посетителки беа дел од осмомартовскиот настан, кој се одржа под покровителство на градоначалникот на Општина Ресен д-р Ѓоко Стрезовски и со поддршка на Министерството за култура.

„Оваа средба беше дел од годишните активности на Домот на културата „Драги Тозија“. Нашите читателки, кои ги има во голем број, доаѓаат на оваа средба со цел да се запознаат со новите дела кои во тековната година ги добила библиотеката, а исто така да слушнат дел од поезијата која е наменета за жената од учениците во ресенските основни училишта, а оваа година и од страна на најмладите од предшколска возраст“, рече директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски.

На литературната средба со читателки по повод 8 Март, настапија три дечиња од градинката „11 Септември“ од Ресен, а потоа со свои творби се претставија ученици од основните училишта „Гоце Делчев“ и „Мите Богоевски“ од Ресен, како и од основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Царев Двор. Покрај тоа, настапија и тројца ученици со творби на Турски јазик. Од музички аспект, настанот го збогатија тројца ученици во Школата за пијано под раководство на Гоце Милошевски, кои настапија со свои изведби, а во дел од поезијата со музичка подлога се вклучи и самиот Милошевски.

„За нас како локална самоуправа, од особена важност е да ги поддржуваме ваквите настани во Општина Ресен, кои во голема мерка го унапредуваат творечкиот дух на нашата млада генерација, а тоа им причинува особено задоволство на припадничките на понежниот пол, кои отсегаш повеќе ја сакале поезијата и музиката. Ние како локална самоуправа, секогаш ќе ја дадеме поддршката за поголем културен развој, кој ќе значи и зголемување на бројот на читатели во библиотеката при Домот на културата „Драги Тозија“, истакна градоначалникот на Општина Ресен, д-р Ѓоко Стрезовски.

На сите присутни дами им беше доделено цвеќе, а оние кои што имаа желба,можеа да подигнат и бесплатен примерок на книга, како благодарност за членувањето во библиотеката и изразената доверба кон пишуваниот збор. Речиси сите читателки кои присуствуваа на манифестацијата, подигнаа бесплатен примерок на книга, доделена од страна на Домот на културата „Драги Тозија“./извор:Макфакс

Loading...