ВО ПРЕСПАНСКОТО СЕЛО АРВАТИ НЕМА ХРВАТИ

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА

Кога се пишува за Арвати, се мисли за потеклото на името на селото кое има повеќе варијанти.Меѓутоа, според кажувањето на постарите луѓе од Арвати и од околните села, се вели дека името Арвати потекнува од зборот „Хрват, Хрвати“ и покрај тоа што во Арвати нема Хрвати.

 

Исто така, се вели дека Арвати е едно од помалите села во Долна Преспа. Тоа се наоѓа во југоисточниот дел на Општината Ресен, во подножјето кон исток од селото Крани и е сместено во пазувите на Баба Планина, на надморска височина од околу 1000 метри. Од градот Ресен е оддалечено околу 20 километри. Атарот е доста голем и зафаќа простор од 29 километри квадратни. Во него преовладуваат пространи шуми и пасишта, а помалку обработливо земјиште. Инаку, Арвати се граничи со следните населби: од исток со Нижеполе, Битолско, од североисток со Брајчино, од југ со Штрбово, од запад со Крани, од север со Сливница, од североисток со Маловиште, Битолско и еден мал дел се граничи со Курбиново.

Се претпоставува дека кон крајот на XVI век и почетокот на XVII век кога предците на денешните жители кревале селански буни во Хрватска, решиле да бараат засолниште некаде далеку, во други краеви. Си го собрале целиот свој имот и тргнале кон југ, мислејќи дека во Македонија животот ќе им биде подобар, посигурен и позасолнет. Дење патувале, а ноќе преспивале каде ќе ги стемнело и сè така талкале додека не стасале до денешниот регион на Арвати.

Пишаните документи за селото Арвати, пак, датираат уште од втората половина на XVI век, поточно од 1568 година, кога во него живееле 25 семејства. Во текот низ вековите, бројот на жителите во селото Арвати бил различен. Денес во него живеат околу 130 жители, од кои 60 се Македонци, а 75 се македонски Албанци.

Во атарот на Арвати постојат следните верски објекти: македонските православни цркви: „Света Богородица“, која е над селото и се смета дека е од времето на цар Самуил, потоа црквите „Свети Никола“, „Света Недела“ и црквата „Свети Архангел“, во чиј круг се наоѓаат селските гробишта. Џамијата, пак, која се наоѓа на синорот на Крани и Арвати служи и за муслиманите од Арвати.

Интересно е да се спомене дека во минатото на Кранската Река, која извира од Баба Планина, поминува низ Арвати и Крани и се влeва во Преспанското Езеро, имало осум воденици и една валавница, како и хидроцентрала, која ги снабдувала двете села со електрична енергија.

Во Арвати, според големината на селото, има поголем број жители иселени во странство, меѓу кои: бизнисмените Стево Пановски, Јонче и браќата Илија и Миле Недановски и Љубе и Миле Лозановски, во Детроит, потоа големото семејство Лозановски во Торонто. Со високо образование во САД и Канада се: Јулијана Пановска, Никола Секуловски, Христина Пановска и Мајкл Крунтовски, додека од Арвати се и следниве интелектуалци: инженер-агроном Ристо Крунтовски, кој е познат со своите трудови објавени во Земјоделски календар, потоа проф.Методија Лозановски, Дарко Крунтовски, Јасмина Лозановска, Љупчо Пампулевски, професорот Ефтим Лозановски, Пецо Котевски,Стево и Снежана Крунтовска, Гани и Дрита Исмаили и други .

Од Аравати посебно место во литературата имаат Али Алиу и Алексо Лозановски. Али Алиу е универзитетски професор и академик, есеист, критичар, книжевен историчар, теоретичар, преведувач и приврзаник кон албанската кауза како интелектуалец од албанска националност во Македонија.

Тој е автор на следните дела: „Расправи“(1975); „По тековите на книжевноста“ (1978); „Истражувања“ (1979); „Критики“ (1980); „Книжевни студии“ (1982); „Теорија на книжевноста“ (1984); „Литературни читања“, „Литература“ (1995); „Дон Кихот меѓу Албанците“ (1996); „Книжевни рефлексии“ (1999); „Антологија на современата албанска поезија“ (2000) и други.

Монографијата „Арвати“ од Алексо Лозановски е најзначајно и вечно дело за Арвати, издание на „Менора“, Скопје 2001, 1-302, а публикацијата „Дон Кихот меѓу Албанците“ е дело на Али Алиу.

Алексо Лозановски е еден од основопшоложниците на Литературното друштво „Браќа Миладиновсци“, кое постои во Македонската православна црква „Св.Климент Охридски“ во Торонто. Тој, меѓу другото, бил претседател на оваа значајна македонска литературна асоцијација. Алексо е е член на Друштвото на писателите на Македонија.

Алексо е автор на повеќе литературни остварувања, меѓу кои: „Од итар поитар“ (1995); „Скаменети траги“ (1996); „Прозорци“ (1999); „Арвати“ (2001); „Народни преданија“ (2005); „Подарен цвет“ (2005); „Народни приказни“ (2007) и „Светулка“ (2011).

Неколку поетски и прозни остварувања на Алексо Лозановски оставија белег во македонската иселеничка книжнина. Посебно место во неговиот опус има стихозбирката „Светулки“, во која Алексо Лозановски ги покажа и докажа неговите поетски постигнувања. Со своите поетски остварувања во стихозбирката „Светулки“ тој успеа да ја осветли иселеничката судбина.

Затоа, со право се вели дека селото Арвати е малечко пранинско село, но од него излегле многу видни интелектуалци, кои се дел од македонска вистина во дијаспората и во Република Македонија.

Продолжува



Пишува: СЛАВЕ КАТИН

www.slavekatin.com

Фото: Википедиа/Ehrlich91

Loading...