СЛАВЕ КАТИН – ИСТРАЖУВАЧ НА МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО ВО СВЕТОТ

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА ПРЕСПА

Славе Николовски-Катин, или како што е познат само како Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква - Охридска архиепископија и во Македонците насекаде во светот. Тој и е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората.

 

Катин е роден на 19 август 1941 година во Долна Преспа, во куќа која во тоа време ја заплиснувале брановите на Преспанското Езеро, во непосредна близина на старата наколна населба Наколец, од каде е неговиот татко Ристо, кој ги оставил коските како прогонет Македонец во Рио де Жанеиро во Бразил.

Краток период по неговото раѓање, семјеството на Катин се вратило во Љубојно, од каде е неговата мајка Сандра (од семејството Грежловци). Таму Славе Катин го минал поголемиот дел од детството и младоста, а се навраќа во него цел живот. Во својата убава македонска куќа тој има библиотека со повеќе од четири илјади книги што ги собира со децении. Во Преспа од мали нозе го почувствувал печалбарскиот живот на луѓето од тој крај.

Основното и осумгодишното училиште (со мала матура) го завршува во Љубојно, а геодетскиот отсек на Средното техничкото училиште во Скопје. Студирал геодезија во Белград и англиски јазик во Торонто, а дипломирал на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Славе Николовски–Катин беше акредитиран новинар од Македонија за „Австралиско-македонски неделник“ од Мелбурн во период од три години и на „Меѓународна политика“ од Белград. Поголемиот број од неговиот опус на материјалите се однесува и е сврзан со активностите и животот на македонските православни црковни општини во Австралија, Канада, САД и Европа, како и на македонските иселеници во прекуокеанските и европските земји, а 50-тина преводи од македонски на англиски јазик во рубриката „Од месец до месец“ во списанието „Македонија“ се однесуваат на културно-политичкиот и општествениот живот во Република Македонија.

Публикација „Македонските православни црковни општини во Австралија, Канада и САД“е издание на НИП „Нова Македонија“, Скопје, 1991, 1-192, а беше промовирана во „Сарајот„ во Ресен на свеченоста по повор 700 години од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, во 1991 година, на која за публикацијата зборуваше академик Блаже Ристовски. А публикациите „Светот на дланка“,е публикација на „Тримакс“, Скопје, 2014, 1-446 и е промовирана во Македонија, Канада и САД.

Има учествувано на 50-тина симпозиуми, трибини, конференции и друг вид сесии во земјата и во светот на кои има презентирано, главно, реферати што се однесуваат на културата, литературата, јазикот и религијата, како и на информативната и друга дејност на македонските иселеници во прекуокеанските и во западноевропските земји.

Како активен новинар беше избран за секретар на Здружението на новинарите на Македонија, на која должност остана пет години. Потоа, беше член на Претседателството и на Комисијата за меѓународна соработка на Здружението. Беше член и на Советот на Центарот за странски јазици во Скопје, на Издавачкиот совет на „Меѓународна политика“ од Белград и член на „Друштвото на литературните преведувачи на Македонија“. Два мандата беше потпретседател, како и член на Друштвото за литература и култура Македонија-Канада, потоа бил почесен член на Здружението за примена на македонскиот јазик во службената и во јавната комуникација; потпретседател и доживотен член на Одборот на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Бил член на Меѓународната академија за слобода на религијата во Вашингтон, САД, на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, Канада и член на Друштвото за наука и уметност од Битола, Република Македонија.

Монографијата за најголемиот донатор од дијаспората „Атанас Близнаков“ од Д’мбени, Костурско, кој живееше во Гери, Индијана (на македонски), а второто дело на македонски и англиски јазиј се изданија на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Министерството за иселеништво, Скопје, 2000, 1-336 и 2017 1-370, а монографијата за биснемот од Флорида „Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски“, е издание на „Македонска искра“, Македонско сонце и ТВ Сонце, Скопје, 2012, 1-468, (на македонски и англиски)

Во еден подолг временски период Катин го свртува вниманието кон себе со својата динамична информативна и публицистичка дејност поврзана со овој корпус, поради што е централна фигура во односите меѓу црквата и државата, од една, и односите на државата, црквата и дијаспората, од друга страна. Ваквата негова позиција му овозможи номинација во разни друштва, здруженија и организации во Републиката и пошироко.

Како функционер на Владата на Република Македонија, Славе Катин бил на посети и разговори кај поглаварите на Румунската, Украинската, Руската и Српската православна црква, потоа во Цариградската патријаршија во Истанбул и Ватикан во Рим. Исто така, бил и во делегацијата на Владата на Република Македонија за погребот на Мајка Тереза во Калкута, Индија, а многу пати патувал со делегации на Македонската православна црква -Охридска архиепископија за Канада, Соединетите Американски Држави, Австралија, бројни европски земји, Турција и Израел.

Во неговиот творечки опус од педесет и пет дела, посебно внимание заслужуваат книгите: „Македонците во САД и Канада“ (на македонски и англиски), „Македонските православни цркви во Австралија“, „Канада и САД“; „Илинден 1903-2003 и македонските иселеници“; „Македонски холокауст“; „Македонскиот иселенички печат“;, како и делата „Придонесот на Македонија во светската цивилизација“; „Од Панонија до Егеј“, „Во чест на свети Кирил и Методиј“ и „Ореолот на Дева Марија и Света Богородица Сливничка во Преспа“, (во коавсторство со академик д-р Антоније Шкокљев-Дончо и професор д-р Вера Стојчевска-Антиќ). Тој е автор и на делата за Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски од Флорида, за Атанас Близнаков од Гери, Индијана, и Петар Стаматов од Чикаго, на монографиите: Андреа Бранов од Мелбурн, Семејството Јановски од Торонто, Светле (Стив) Стамевски од Детроит, Георги Томов од Њујорк, Бошко Рајчовски-Пелистерски од Флорида, Митрополитот Кирил, Благој Механџиски-Зегин, Атанас Близнаков (на македонски и англиски), Есма Реџепова-Теодосиевска (на македонски, англиски и ромски јазик), Гога Печенковски и Силјан Мицевски (на македонски). Исто така, тој е познат со лексикографските изданија: Англиско-македонски лимнолошки лексикон, речниците за деца: Ајде да учиме македонски, англиски, француски, германски, турски, албански, влашки и ромски, како и со преводот на романот „Александар Македонски“ (од англиски на македонски) од Урлих Вилкен.

Покрај 55-те публикации, во период од педесет и пет години Катин е автор и на повеќе од 100 научни трудови од различни области и на околу 3.000 новинарски и други текстови објавени во Република Македонија и во светот. Тие, главно, се однесуваат на Македонија, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература и други области, објавени, главно, во информативни гласила во Република Македонија и странство.

Романот „Александар Македонски“ од Урлих Вилкен е превод од англиски на македонски јазик на Славе Катин, а во издание на „Мисла“, 1988, 1-387, а на публикацијата „Придонесот на Македонците во светската цивилизација, чиј автори се академик Антоније Шкокљев-Дончо и Славе Николовски-Катин е издание на„ Македонска искра“, 2004 1-346

Славе Катин е добитник на голем број награди и признанија од бројни организации, друштва, установи, цркви и црковни општини во Република Македонија и во странство. Тој, исто така, е добитник на најпрестижната награда Крсте П. Мисирков на Здружението на новинарите на Македонија од областа на журналистиката.

Славе Катин не припаѓа на политичка партија, бидејќи тој е припадник на етничка Македонија, на Македонците во дијаспората и на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ - ОА), која како институција игра значајна улога во опфаќањето и сплотеноста на Македонците надвор од Македонија, особено во прекуокеанските земји и насекаде во светот.

Борче Наумовски, поранешен министер за култура

Loading...

JT Fixed Display