Скопје 2014 под „замаглена“ лупа – катастрофа која нема да се руши

Имав меѓународни гости кои сакаа да го видат Музејот на жртвите од комунизмот. По посетата, луѓето се уплашија и не сакаа повеќе да посетат ниту еден објект од нашите знаменитости, рече министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

 

 

Решение за иднината на проектот Скопје 2014 и натаму нема – кривичниот дел од приказната е замрзнат откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека во моментов за тоа нема време, а актуелниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека се скенираат повеќеслојните проблеми со овој проект и кога ќе се заврши со анализата ќе биде распишен меѓународен конкурс за предлози што ќе пресудат на иднината на проектот.


На денешната јавна трибина во Киното Култура, организирана од активистите на невладината „Плоштад Слобода“, се дебатираше за безбедносните, квалитативните, архитектонските, историските, естетските аспекти на проектот што според сите присутни, нанесе непоправлива штета исто така врз многу општествени аспекти.

– Ние нема да рушиме. Скопје 2014 сам по себе е една голема разорна катастрофа, како на главниот град да му се случил земјотресот од 1963 или, пак, Варшавската трагедија од 1945 година. Ќе продолжиме со анализи и ќе биде распишан меѓународен конкурс за идеи, што може да се направи за да се поправи грдата слика и последиците на овој проект, рече Алаѓозовски.

За активистот Никола Наумовски, стручната јавност треба да донесе решение.

– Сметам дека Скопје 2014 ни се случи токму поради тоа што не беа консултирани професионалци во неговата креација и изведба. Иако мене естеткиот аспект и пораката што тој ја праќа најмногу ми пречат, не смеат да се занемарат и безбедносниот, непрофесионалниот, архитектонскиот и криминалниот. Ќе продолжиме со дебати до конечното решение, ни рече Наумовски.

Режисерот Александар Поповски размислува за креативни интервенции.


– Таа ужасна тоталитарна порака што ни ја испраќа Скопје 2014 мора да се смени. Можеби симболично ќе треба да срушиме еден столб, макар од стиропор. Фасадите можат да се изменат, макар да се опкружат со многу природа, дрва, растенија или слично. Што останува за оние одвратни кичести ентериери, неквалитетно направени, не знам. Важно е да се сруши митот што го создаде минатата власт и небулозните историски и културолошки пораки што сака да ги прати, ни рече Поповски.

Ана Василевска

 

Loading...