Почнува „Галичка свадба 2017“

Тања Чаловска и Бошко Лепчески ќе бидат младенци на „Галичка свадба 2017“ која се одржува овој викенд. Триесет и едногодишниот правник и 28-годишната економистка се запознале пред седум години токму во Галичник каде што утре ќе бидат венчани во црквата „Св. Петар и Павле“.

 

По подолго време се случува на Галичка свадба двајцата младенци да имаат потекло од Галичник. Свадбарските обичаи им се познати зашто со нивните родители секое лето учествувале на оваа манифестација.

– Веќе 15 години учествував на Галичката свадба и имав желба да бидам невеста. Остварување на мојот сон е тоа што ќе ја продолжам традицијата на моите предци, рече на прес-конференција Чаловска, која на свадбата ќе носи фамилијарна носија стара еден век и необлечена повеќе од 50 години. Носијата сосе историски вредниот накит што ќе ги носи тежат околу 25 килограми.

Младоженецот Лепчески рече дека е задоволство и чест да се продолжи вековната традиција на обичаи и песни во, како што рече, едно библиско место како што е Галичник.

Свадбата ќе почне вечер во 19:30 часот, со китење, редење на бајракот и фрлање пушка, а утре наутро во 9 часот ќе продолжат обичаите меѓу кои централен настан ќе биде нивната венчавка во црквата „Св. Петар и Павле“.

Александар Костиќ, претседател на Месна заедница Галичник, соопшти дека на свадбата ќе учествуваат 150 лица облечени во галички носии, ќе има десетици коњи, а свадбарските обичаи и ора, меѓу кои и „Тешкото“, ќе се одржуваат во автентични куќи и на повеќе од десет локации на оддалеченост од 2-3 километри.

– Во недела, 16 јули, во Галичник очекуваме повеќе илјади туристи. Ќе биде организиран посебен сообраќаен режим. Посетителите своите возила ќе може да ги остават на фудбалското игралиште близу Галичник, а потоа со организиран превоз со комбиња ќе бидат превезени до влезот на Галичник, рече Костиќ.

Со Галичката свадба ќе биде отворено и годинашното Галичко културно лето, во чии рамки се 24. Галичка книжевна колонија во организација на Здружението „Галикул“ на која ќе учествуваат домашни и странски писатели, како и 28. Галичка ликовна колонија на која гости ќе бидат осум уметници од Израел, Индија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Косово и Бугарија.

 

Loading...