Нова книга: „Печатот на вистината“ од Игор Поп Трајков

Игор Поп Трајков е и единствениот не-Американец кој своевремено влезе во филмскиот експериментален проект за иницирање и развување на сценарија „Гринлајт“.

 

Во издание на „Македоника“, идната недела ќе излезе од печат новата збирка поезија од Игор Поп Трајков „Печатот на вистината“.

Овој автор го има започнато своето творештво уште додека бил во основно училиште, во осумдесетите при што објавил во „Наш свет“. Првата долга драма „Што се случува под чаршафот“ ја напишал на возраст од 16 години. Сѐ до сега има напишано 30 драми (вклучувајќи ги и едночинките), околу 1000 страни поезија, неброена есеистика, теорија, филозофија и се има испробано во сите области на публицистиката; особено впечатливи му се интервјуата со познатите интелектуалци, уметници и писатели измеѓу кои и оние со Харолд Пинтер, моменталниот претседател на европската филмска академија Кшиштоф Зануси (2 пати), Тери Џоунс и многу други.

Наскоро ќе го заврши својот прв роман. Игор Поп Трајков е и единствениот не-Американец кој своевремено влезе во филмскиот експериментален проект за иницирање и развување на сценарија „Гринлајт“ кој беше воден измеѓу другите од Мет Дејмон и Бен Афлек. Пишува и на други јазици- влезе во строгата селекција на најреномираниот италијански натпревар за поезија „Вијаџи ди верси“, а поемата со која учествуваше „Девојче слободно инспирирано од цртан филм“ му беше објавена од познатиот издател „Фелтринели“ во рамки на проектот „Ил Мио Либро“(„Мојата книга“). Игор Поп Трајков има и огромен допринос за првото издавање на творбите на најголемите денешни македонски писатели, кои беа отфрлени од закоравената и коруптивна политика на домашните издатели; како највисоки точки во ова се збирката на од него основаниот литературен клуб „Мал принц“ во почетокот на деведесеттите, како и неговиот едиторијал во почетокот на двеилјадитите на онлајн списанието финасирано од ЕУ „Локалмајндс“- кое имаше за цел промотивно издавање на дела од областа на литературата и фотографијата со високи вредности, а кои во регионот се запоставени заради владеењето на корупцијата и лажните вредности.

 

Loading...