Грантови за еко-проекти во градинките

Како дел од интернационалната програма „Еко градинка“, ОХО ве известува дека „Програмата за мали грантови“ повторно е отворена за градинките кои се членови во националната мрежа на еко градинки. Целта на „Програмата за мали грантови“ е да се промовира заштитата на животната средина преку поттикнување на еко градинките да развијат и имплементираат практични еколошки проекти на темите: енергија, вода, управување со отпад и чист воздух.

 

„Програмата мали грантови“ за поддршка на еколошки проекти за еко градинки со зелено знаме оваа година се реализира со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и е дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ во рамките на темата животна средина со цел справување со загадувањето и обезбедување на „чиста животна средина за сите“.

Право на учество во „Програмата за мали грантови“ имаат еко градинките, кои се наградени со статусот за зелено знаме во учебната 2015/2016 или 2016/2017 година, со испраќање на еден предлог проект кој ќе обработува една од понудените теми. Предлог проектот треба да нуди практични решенија за подобрување на условите за престој и работа во градинката, преку мали инфраструктурни зафати или набавка на опрема, но истовремено ќе треба да биде проследен со едукација на децата за направените промени и придобивките за животната средина.

Пристигнатите предлог проекти ќе бидат оценувани врз основа на веќе определени критериуми, како што се: иновативност и одржливост на проектот, како и да бидат во согласност со методологијата на седумте чекори еко менаџмент и едукативните цели на самиот проект. Согласно критериумите од повикот ќе бидат поддржани вкупно 9 (девет) еколошки проекти, кои ќе добијат финансиска поддршка од 1000 евра, 700 евра или 500 евра.

Предлог проектите се испраќаат исклучиво преку електронска порака на eko-mreza@mon.gov.mk најдоцна до 03.03.2017 година./извор:Макфакс

Loading...