ДС: Албанската платформа се користи за поттикнување на национализам и рушење на соживотот

Централниот совет на Демократскиот сојуз, расправаше за актуелната политичка состојба во земјата, при што оцени дека се работи за контролирана политичка криза од раководството на ВМРО ДПМНЕ, која може да излезе од контрола и да се случи дестабилизација на државата од пошироки размери, со можни тешки и неизвесни последици.

 

Демократскиот сојуз смета дека така наречената „Албанска платформа” се користи за поттикнување на национализам и нарушување на соживотот во Македонија, како и за интеретнички конфликти.

Затоа, Демократски сојуз апелира сите партии, експерти и новинари, да се повлечат од оваа “декларација, меморандум или платформа“ и да престанат да ја експлоатираат,а за сите прашања да се отвори демократска и аргументирана расправа и обезбеди граѓански и политички консензус при нивното решавање.

Демократскиот сојуз смета дека сите партии и граѓани знаат дека Влада може да формира партија или партии кои имаат најмалку 61 пратеник, а не помалку и дека должност на Претседателот на Република Македонија е да го даде мандатот на партиите кои имаат мнозинство во Парламентот.

Промената на власта е логична и потребна, за што се определија над 700 илјади граѓани од сите етнички заедници. Промените значат, одговорно владеење и создавање услови за јакнење на капацитетите на демократските институции, владеење на правото и можно преиспитување на политиките на претходната власт, велат од ДС.

Демократскиот сојуз оценува дека мирниот и демократски трансфер на власта е во интерес на сите граѓани, како и во интерес на стратешките и националните државни интереси.

Пролонгирањето на промените и натаму ќе ја усложнуваат состојба која може да излезе од контрола и да бидеме вовлечени во хаос. Блокада и парализа на државните институции се доволни индикатори за загриженост и одговорност од сите политички субјекти во државата, додаваат од партијата.

Демократскиот сојуз ги повикува службите за безбедниот и полицијата, да ги превенираат сите можни активности против Уставниот поредок, да обезбедат стабилен јавен ред и да спречат нарушувања на безбедноста со цел да се спречи мирен трансфер на власта.

Демократскиот сојуз оценува дека се созреани условите за избор на претседател на Собранието и реформска Влада на Република Македонија, додека локалните избори треба да се одложат најмалку за месец септември./извор:Макфакс

спонзориран линк:
Loading...