Потпишан договорот за изградба на новиот клинички центар „Мајка Тереза“

Министерот за здравство во техничката влада, Никола Тодоров, официјално го потпиша договорот за изградба на новиот клинички центар „Мајка Тереза“ со претставници на фирмите изведувачи на работите „Гранит“ и „Бетон“ од Македонија и италијанската „Инсо системи“.

 

Како што рече во своето обраќање Тодоров, новиот клинички центар ќе биде најмодерен, неговата изградба ќе чини 72 милиони евра, а завршувањето на работите се предвидува за 45 месеци. Ќе се простира на 46 987 метри квадратни корисен простор, ќе има подземје, приземје и девет ката, како и хелиодром. Во него ќе бидат запазени сите мерки за енергетска ефикасност, ќе има најсовремен систем за централизирано управување.

Тодоров подвлече дека на проектот тој и неговиот тим работеле четири години и порача дека „здравјето не препознава политичка или етничка припадност и затоа е најважно да се изгради проектот на време во корист на сите граѓани“.

На потпишувањето беа присутни и техничкиот премиер Емил Димитриев и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски. Никола Тодоров на прашањето на новинарите во кое својство го потпишува договорот, рече дека тој е вице-премиер и министер за здравство во владата на Република Македонија.

Д.М/Макфакс

Loading...