Нова странска браунфилд инвестиција во Демир Хисар

Познат италијански производител на храна ќе отвора производствен погон во Демир Хисар.

 

Деновиве интензивно и забрзано се работи на монтажа на опремата која што директно од Наполи беше транспортирана во Демир Хисар. Производствениот погон ќе биде сместен во приземниот простор на поранешната Стоковна куќа што инвеститорот го закупи на подолг временски период од грчки сопственици.

„Во погонот во Демир Хисар ќе вршиме дехидратација на лигуменози. Да бидам појасен, од нашите кооперанти ќе откупуваме и ќе изработуваме полупроизвод од зрнести плодови за потребите на индустријата за производство на супи – ќе се откупува, преработува и пакува зрнеста храна – грав, грашок, леќа, леблебии и други растенија“, вели сопственикот Алфонсо Писцетели.
Вредноста на инвестицијата ќе достигне 1.000.000 евра.

„Почетно се вработени 10 лица, а до крајот на годината инвеститорот најавува бројот на вработените да се зголеми на 20 лица“, вели градоначалникот на општината Љупчо Блажевски, и открива дека дополнителен бенефит од отворањето на овој капацитет ќе се стекне со таканаречените индиректни вработувања преку потпишување на кооперантски договори со потенцијалните производители од Демир Хисар и поширокиот регион на Пелагонија.

Италијанскиот инвеститор ќе произведува за однапред договорени купувачи во Европа, со што пласманот е гарантиран и обезбеден на подолг период. Зависно од динамиката на монтерските работи, почетокот со работа се очекува за најмногу 10 дена./извор:Макфакс

Loading...