Студија: Парно греење и во куќите ќе значи намалување на загадувањето во Скопје

Целосното искористување на централниот топловоден систем за греење, покрај намалување на цената на услугата за корисниците за околу 25%, ќе овозможи и развој на когенеративното производство на топлинска и електрична енергија и ќе овозможи зголемување на употребата на природен гас, што е стратешка определба на нашата држава. Истовремено тоа ќе значи и намалување на проблемот со загадувањето во Скопје.

 

Ова е еден од главните заклучоци на студијата „Дефинирање на техно-економски оптимална и еколошки одржлива структура на греење и имплементирање на централизирано снабдување со санитарна топла вода на градот Скопје“, изработена од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Центарот за енергетска ефикасност на Макeдонија (МАЦЕФ), која денеска беше презентирана пред членовите на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) при Стопанската комoра на Македонија.

Главна мотивација за изработка на оваа студија е потребата да се даде прилог кон изнаоѓање на ефикасно решение за намалување на големиот проблем со аерозагадувањето во Скопје, кој ги засега сите граѓани, а кое е базирано на технички, инженерски принципи.

Резултатите од анализата во оваа студија се совпаѓаат со сите претходно изработени студии и испитувања од овој тип, според кои користењето на нееколошки средства за затоплување на домовите (пред сè дрвата, јагленот и останати несоодветни горива за урбани средини) се еден од главните причинители за проблемот со енормна загаденост на воздухот во Скопје во текот на грејната сезона. За потребите на анализата е дефиниран и модел за избор на оптимален начин на снабдување со топлинска енергија за греење во урбана средина, кој е прилагоден и применет на условите на градот Скопје.

Математичкиот модел претставува споредбена анализа на дванаесет начини за греење, кои се вообичаено присутни или се достапни, во однос на нивните еколошки, технички и финансиско-економски параметри, имајќи го во преден план влијанието врз животната средина. Со него се добиваат цврсти насоки за избор на оптимален начин на греење во одделни делови на градот, од еколошки, финансиско-економски и технички аспект.

„Споредбената анализа на различни типови и системи за греење покажува дека централниот систем за топловодно греење претставува техноекономски оптимален тип на греење во густо населените региони на градот Скопје, односно регионите кои претставуваат голем топлински конзум. Во регионите со помала густина на населеност (регионите по периферијата на градот кои претставуваат помал топлински конзум) техноекономски оптимален тип на греење е примена на топлински пумпи и инвертер клима уреди, а конкурентно е и индивидуалното греење со природен гас“, вели проф. д-р Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје.

Во градот Скопје веќе постои широко-распространет и еколошки оптимален систем за централно греење кој е развиван во последните 50 години со намера да го прими целокупниот постоечки и потенцијален конзум на градот. Овој систем го користи природниот гас како единствено гориво и нуди можност за еколошко загревање на домаќинствата, но поради одредени причини тој е само половично искористен.

Во студијата е изложен предлог концепт за развој на грејната структура на градот Скопје составен од краткорочен, среднорочен и долгорочен план, со преглед на потребните инвестиции за реализација. Покрај тоа, споредбено се анализира усогласеноста на предлог-решението за оптимален систем за греење со домашната и меѓународните енергетски стратегии и со познатите меѓународни практитки.

Покрај другото, во главните заклучоци од Студијата се наведува дека зголеменото ниво на концентрации на цврсти честички во воздухот во градот Скопје, особено изразено во зимскиот период, во одредена мерка се должи на условите во сообраќајот кои диктираат режим на работа на возилата кој е еколошки неповолен и продуцира поголемо количество на цврсти честички и други штетни материи, особено при возење на мали релации и во услови на сообраќаен метеж. Големото загадување се должи и на згуснетите урбанистички решенија, зголемениот број на жители и други последици од неприродното растење на градот, како и на појавата на температурна инверзија, карактеристична за котлините, поради што долните слоеви на воздухот се задржуваат во „затворена состојба“, што значително ја ограничува можноста емисиите кои се создаваат во градот да се дистрибуираат повисоко во атмосферата.

Loading...