Директорите на училиштата од Центар кај Жерновски на разговор поради политичките натписи

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во понеделник ги повика директорите на седумте основни општински училишта за да разговараат околу случувањата со провокативните и политички натписи кои се појавија на некои училишта.

 

На училиштето „Гоце Делчев“, кое е на територија на Центар, беше залепен плакат на кој пишува „Парична казна од 5.000 евра за секој што не знае албански јазик“, стои во соопштението од општина Центар.

На средбата беше присутен и командирот на Полициската станица „Центар“, кој им повтори на директорите дека поставување на вакви написи во училиштата, како и агитирање внатре во училиштата, претставува кривично дело. Кривично дело е и отстранувањето на плакатот, бидејќи со тоа се уништуваат и дел од доказите против сторителите, додаваат од општината

Директорката на ООУ „Гоце Делчев“ јасно посочи дека вакво политичко агитирање е труење на децата и дека треба да биде најстрого санкционирано.

„Јас точно знам зошто е избрано училиште во општина Центар и зошто токму училиштето „Гоце Делчев”, каде што учат моите две деца, но сакам уште еднаш да повторам дека инволвирање на децата и учениците за политички цели и интереси, во било кое училиште, нема да дозволам“, рече Жерновски.

Полицијата презема мерки за откривање на оние кои го поставија плакатот, а во и околу училиштата ќе има зголемено ниво на будност, додаваат од општина Центар./извор:Макфакс

Loading...