Нова градинка во Прилеп

Жителите на урбаните заедници „Корзо“, „Чачорица“ и „Тапани“ на почетокот на септември оваа година ќе добијат нова градинка во просториите на ОУ „Рампо Левката“.

 

Градоначалникот Марјан Ристески заедно со Христина Трпческа, директорка на градинките „Наша иднина“ и директорката на ОУ „Рампо Левката“, Катерина Чавлеска – Трпкоска, направија увид на градежните работи во училиштето каде ќе биде сместена и градинката.

„Направивме увид во реконструкција на училниците во ОУ ‘Рампо Левката’ кои ова училиште ќе ги намени за реализација на нова детска градинка во овој дел на градот“, посочи директорката Катерина Чавлеска – Трпкоска.

Со цел понатамошно унапредување, подобрување и зачувување на здравјето и поттикнување на интелектуалниот, емоционалниот, физичкиот, менталниот и социјалниот развој на децата до 6-годишна возраст, Општина Прилеп и градинките „Наша иднина“ работат на зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст.

„Токму за таа цел ќе се отворат 4 нови групи за неколку месеци во состав на ОУ ‘Рампо Левката’, а под надлежност на градинките ‘Наша иднина’ и ќе бидат сместени деца од предучилишна возраст, а инвентарот на оваа градинка ќе го обезбеди Министерството за труд и социјална политика“, посочи Трпческа, директорка на градинките „Наша иднина“

„Го означивме и почетокот на реконструкцијата на првиот кат на ОУ ‘Рампо Левката’ кој не беше доволно искористен, а со овој потег ќе биде рационално искористен. Во оваа градинка ќе бидат згрижени 100 деца, а инвестицијата чини 3 милиони денари, средства обезбедени од ЕЛС Прилеп“, посочи градоначалникот Ристески./извор:Макфакс

Loading...