ЗЕЛС предупредува: Градоначалниците од утре остануваат без ингеренции

Градоначалниците на локалните самоуправи од утре ќе одат на работа, но немаат ингеренции да потпишуваат никакви документи, одлуки и слично, информираат од Заедницата на единиците на локалната сампуправа. Од ЗЕЛС апелираат парламентарните партии најбрзо што можат да се договорат и да го изменат Законот за локална самоуправа со кој би се продолжил мандатот на Советите и градоначалниците.

 

„Работата на локалните самоуправи од утре е под знак прашалник. Затоа ние повикуваме прашањето за локалните избори да биде приоритетно. Не мора да се чека избор на Нова Влада за да се распишат изборите и донесат Законите“, рече претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

Трајановски додаде дека доколку не се затвори ова прашање ќе биде блокирана и работата на градинките, училиштата, администрацијата и јавните претпријатија кои по основ на субвенции добиваат средства од општините. За ЗЕЛС не претставува проблем изборите да се одржат во октомври, како што рече Трајановски, најважно е решавањето на мандатите да биде во прв план. Согласно законскиот рок, на градоначалниците и советите денес им истекува мандатот, поради тоа што локалните избори не беа одржани на 14-ти мај, нити пак нивното одржување беше одложено за во догледно време.(Макфакс)

Loading...