Трамп е обвинет дека му открил разузнавачки тајни на Лавров

Американскиот претседател Донал Трамп му открил „строго доверливи информации“ поврзани со Исламска држава на рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров, објави Вашингтон пост. Според весникот, Трамп со тоа практично загрозил извор на разузнавачки информации за Исламска држава. Информациите кои ги добиле Лавров и рускиот амбасадор во САД Сергеј Кисљак пристигнале од американски партнер преку „многу чувствителен договор за размена на разузнавачки информации“.

 

„Партнерот во договорот не дал дозвола САД да споделуваат информации со Русија, а функционерите изјавиле дека одлуката на Трамп, сепак, тоа да го направи претставува ризик за идната соработка на сојузникот, кој има пристап до внатрешните кругови на Исламска држава“, пишува Вашингтон пост.

По средбата на Трамп со Лавров, еден од повисокорангираните функционери на Белата куќа презел чекор да ја намали штетата и се советувал со ЦИА и НСА. Според американскиот весник, од ЦИА одбиле да дадат коментар, додека од НСА одбиле воопшто да одговорат на барањето за коментар за инцидентот.

В.Д/Макфакс

Loading...