Поставени нови подземни контејнери во Триангла

Градот Скопје ги пушти во употреба подземните контејнери за одлагање комунален отпад во населбата Триангла како дел од проектот за поставување систем за подземни контејнери.

 

На пуштањето на подземните контејнери присуствуваа градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

– Градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и oпштините во градот Скопје продолжуваат со проектот за поставување системи со подземни контејнери, кој почна во 2013 година, со инсталирање 16 системи со 46 контејнери со зафатнина од 3 кубни метри во општина Центар и 2 система со 4 контејнери во општина Чаир. Проектот продолжи и во другите општини и секоја година се инсталираа нови системи така што досега имаме инсталирано, покрај овие на 16 локации во општина Центар, и во општина Аеродром на 6 локации, во општина Кисела Вода на 6 локации, во општина Гази Баба на 6 локации и во општина Чаир на 5 локации, или досега имаме поставено подземни инсталации на 39 локации во градот со по три подземни контејнери. Празнењето на подземните контејнери е на хидрауличен погон за што ќе се употребуваат постојните возила на ЈП „Комунална хигиена“, кои се специјално надградени за оваа намена. Исто така, и за 2017 година се обезбедени средства за уште 15 инсталации, во 5 општини (оваа година се вклучуваат и општина Карпош и општина Ѓорче Петров) со по 3 инсталации. Денеска се наоѓаме во општината Гази Баба и го промовираме почнувањето со работа на една од трите локации каде што се инсталирани системи со 3 подземни контејнери со зафатнина на секој контејнер од 3 кубни метри, од кои 2 за мешовит отпад од домаќинството и по 1 контејнер за ПВЦ-амбалажа. Вкупната инвестицијата на овој проект изнесува 6,6 милиони денари и во неа еднакво, по 2,2 милиона денари, учествуваат Градот Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и Општина Гази Баба, односно по толку ќе вложуваат и општините во кои ќе се поставуваат овие системи за подземни контејнери. Со Општината Гази Баба потпишавме и договор за дополнителни три локации за поставување вакви системи. Овој систем за собирање на комуналниот отпад е исклучително софистициран и успешен, со одлични ефекти во заштитата и зачувувањето на здравјето на граѓаните, како и во одржувањето на хигиената во општините. Сакам да апелирам до граѓаните да ги чуваат и соодветно да ги користат овие подземни контејнери – изјави градоначалникот Трајановски.

Градоналникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, изјави дека за да се подобри хигиената, во општината се поставени подземни контејнери на уште три локации, односно во населбата Триангла, населбата Хиподром и населбата Ченто.

Исто така, потенцира дека е потпишан договор за уште три вакви системи и ќе се постават кога општината ќе ги утврди микролокациите за новите подземни контејнери.

Подземните контејнери имаат зафатнина од 3 кубни метри, во нив отпадот се складира на пониска температура, притоа не зафаќајќи слободна површина над земјата. На тој начин се намалува и непријатната миризба што се шири од отпадот, како и можноста за негово разнесување во околината./извор:Макфакс

Loading...