Меси: Не знам ништо за даночното затајување

Лионел Меси во својство на обвинет за даночно затајување, сведочел пред судот во Барселона и рекол дека не знае ништо за случајот за кој е обвинет, бидејќи во целост му се посветил на фудбалот. Пред судот во Барселона, за даночно затајување покрај Меси е обвинет и неговиот татко Хорхе.

 

Меси и неговиот татко се соочуваат со затворски казни, поради четири милиони евра неплатен данок од авторските права на сликите кои биле продавани во Јужна Америка.

„Јас му се посветив на фудбалот. Сѐ друго што е поврзано со мојата кариера им го доверив на адвокатите и на мојот татко. Сигурен сум дека не сакале да ме измамат. Не знам ништо за ова и никогаш и не ме интересирало. Знам само дека го потпишав договорот и дека морам да се појавувам во реклами и да се фотографирам. Ништо не сум прочитал, ниту пак го побарав тоа. Се сеќавам дека пред 10 години бев на нотар, но не се сеќавам поради што“, рекол Меси.

И неговиот татко, Хорхе, инистирал дека Меси не знаел ништо за своите даночни обврски.

„Секогаш се обидував да направам неговиот живот да биде полесен. Тој не знаеше ништо. Му кажав дека треба да потпише нешто во 2006 година, некој договор и поради тоа бевме на нотар“, рекол Хорхе Меси.

Во врска со овој случај, државниот обвинител побарал затворска казна во времетраење од 22 месеци доколку Меси биде прогласен за виновен, но медиумите шпекулираат дека такво нешто нема да се случи бидејќи Меси никогаш немал криминално досие.

Конечната пресуда се очекува да биде донесена наредната недела./извор:Макфакс

Loading...