Монако го елиминира Сити

Монако и Атлетико Мадрид ја комплетираа листата на тимови кои ќе играат во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Монако успеа да го елиминира Манчестер Сити со победата од 3:1 и благодарение на поголемиот број на постигнати голови на гостински терен, додека Атлетико очекувано беше подобар од Баер Леверкузен и по триумфот во Германија 4:2 на домашен терен одигра 0:0.

 

Монако е вистински хит сезонава во Лигата на шампионите. Избраниците на Леонардо Жардим, кои беа први во групата во конкуренција на Баер Леверкузен, Тотенхем и ЦСКА Москва, во осминафиналето го елиминираа фаворизираниот Манчестер Сити.

По поразот од 5:3 на првиот меч во Манчестер, Монако во реваншот на домашен терен го совлада Сити со 3:1 и поради поголемиот број на постигнати голови на гостински терен втор пат во последните три години ќе игра во четвртиналето. Од друга страна Пеп Гвардиола, кој 100-ти пат предводеше екипа во Лигата на шампионите, прв пат во кариерата испадна во осминафиналето.

Натпреварот на „Луј II“ имаше двзлични полувремиња и две различни изданија на тимовите. Монако блескаше во првиот дел, жестокот притисна од самиот почеток, Мбапе во петтата минута беше сам пред Кабаљеро, но Аргентинецот успеа да одбрани.

Три минути подоцна една долга акција по левата страна на Лемар и Бернанрди Силва заврши со остар центаршут, а Мбапе во петерецот со врвот на копачката само ја насочи топката во голот.

И по постигнатиот гол Монако продолжи со притисокот, а вториот гол го постигна во 29.минута и повоторно по акција од левата страна, кога Лемар по земја центрираше на пеналтикот каде Фабињо ја спроведе во мрежата.

Сити во првото полувреме не упати ниту еден удар кон голот на Даниел Субашиќ.

Работите на теренот се сменија во вториот дел, Монако се повлече, а Сити беше тимот кој притисна кон голот на противникот. Две добри шанси не реалзиира Агуеро, кој беше сам пред Субашиќ и Сане, пред да постигнат гол.

Стерлинг успеа да се ослободи на десната страна од Лемар, упати добар удар кон голот, Субашиќ одбрани, но за несреќа топката се одби до Сане кој ја врати во голот.

По таа 71.минута, Сити не отстапи од офанзивата, иако без конкретна шанса за гол, но надежите им ги урна Бакајоко шест минути подоцна. Слободен удар од 40-тина метри изведе Менди , а Бакајоко од 13 метри со глава прецизно погоди.

До крајот на мечот ниту еден тим не успеа сериозно да се закани и резултатот не се менуваш.

 

Во Мадрид Атлетико го пречека Баер Леверкузен по победата на првиот меч во Германија 4:2 и рутински го одработи реваншот. Со оглед на тоа дека Атлетико викендов го игра дербито во Шпанија против Севилја, Атлетико излезе да одигра мирен меч, без премногу да се потрошат главните играчи.

Мечот заврши 0:0, иако двата тима имаа свои шанси за постигнување на гол. Голманот на Леверкузен Лено одбрани две тешки топки и спречи голови по ударите на Кореа и Коке во првото полувреме. Гризман во вториот дел имаше две шанси и една Кореа за Атлетико, додека играчите на Леверкузен своите шанси ги имаа во една минута односно во еден напад кога блесна Облак на голот на Атлетико.

Словенецот најпрвин го одбрани ударот на Брант кој беше сам пред него, топката се одби до Воланд чии удар го одбрани Облак, топката повоторно се врати до истиот играч и Словенецот одбрани уште еднаш, а последниот удар го упати Чичарито, но неговиот удар Облак го одби во корнер.

Во четврфиналето во Лигата на шампионите се пласираа Јувентус, Монако, Борусија Дортмунд, Баерн Минхен, Лестер, Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид. Четвртфиналените двојки ќе бидат извлечени в петок./извор:Макфакс

спонзориран линк:
Loading...