Фавр ќе го наследи Тухел, Ница демантира

Германските медиуми во вторникот објавија дека Томас Тухел по завршувањето на сезоната ќе замине од клупата на Дортмунд и дека негов наследник ќе биде актуелниот шеф на стручниот штаб на Ница, Лусијен Фавр.

 

Тухел има договор и за наредната сезона, но поради нарушените односи со извршниот директор на клубот, Ханс-Јоаким Вацке, тој ќе си замине од функцијата.

Недоволно добрите резултати и недоразбирањата околу терминот за одигрување на првиот меч со Монако во четвртфиналето во Лигата на шампионите, по бомбашкиот напад врз клупскиот автобус, резултираа со зголемено нетрпение на релација Тухел-Вацке, а цехот ќе го плати тренерот.

„Билд“ објави дека нов тренер на Дортмунд ќе биде Лусијен Фавр, кој веќе договорил двегодишна соработка, иако од Ница веднаш ги демантираа ваквите пишувања.

„Лусијен е одличен тренер, поради тоа можеме да ја разбереме идејата на Дортмунд. Но, на тоа требаа да мислат пред почетокот на сезоната, кога Фавр беше слободен на фудбалскиот пазар. Сега тој е наш“, рекол спортскиот директор на францускиот клуб, Жулијен Фурније.

 

Лусејен Фавр има одлична сезона со Ница, со која го обезбеди третото место во првенството и избори пласман во квалификациите во Лигата на шампионите.

Од друга страна, Тухел со Дортмунд се наоѓа на третото место во Бундеслигата и со победа во последното коло ќе избори директен пласман во Лигата на шампионите.

Фавр има богато искуство во германскоот првенство, во периодот од 2007 до 2009 година беше тренер на Херта, а потоа од 2011 до 2015 година ја предводеше Борусија од Менхенгладбах.(Макфакс)

Loading...