Шефот на FBI тврди дека Русите влегле но не ја хакирале кампањата на Трамп

Руските информатички хакери кои наводно се обидувале да се уфрлат во американските претседателски избори не го хакирале тимот на националната кампања на сега избраниот претседател Доналд Трамп, изјави во вторникот директорот на американското Федерално биро за истраги (FBI), Џејмс Коми во продолжението од сослушувањето пред комисијата за разузнавање на Сенатот, откако претходно призна дека Бирото во истрагата за кибернетичките напади немало директен пристап до серверите на хакираната Демократска партија, и оти податоците ги добиле од „реномирана приватна компанија“.



Пред сенатската комисија, челникот на FBI, Џејмс Коми, тврдеше дека Русите упаднале во компјутерскиот систем на кампањата на Доналд Трамп на локално и на ниво на сојузни државни, но не и на национално ниво.

„Немаме никакви податоци дека кампањата на Трамп била хакирана на национално ниво. Русите дошле до податоци на Републиканската партија, но станувало збор за адреси од електронска пошта кои повеќе не биле во употреба“, појасни Коми додавајќи дека „собраните информации биле работа на минатото и не ги објавиле“.

Откако американското разузнавање го објави извештајот за кибернетичките упади во мрежите на Демократската партија во кој го обвинува директно рускиот државен врв, повеќе републиканци изјавија дека демократите имаат вина затоа што не сториле ништо да ги заштитат.

Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама, кој ја поддржуваше во кампањата својата поранешна државна секретарка Хилари Клинтон која беше поразена од републиканскиот кандидат Доналд Трмап, ја обвинува Москва дека водела кампања на „поткопување на американскиот демократски процес“ за победа на Трамп.

САД особено ја обвинуваат Русија дека нејзиното воено разузнавање ГРУ ја хакирало електронската пошта на Националниот комитет на Демократската партија (DNC) и на Џон Подеста, шефот на кампањата на Клинтон, кои му ги доставиле на WikiLeaks. Овие подоцна објавени преписки го дискредитираа демократите во однос на заговор против сенаторот Берни Сандерс кој беше кандидат на предизборите и бизнис односите на Подеста и предизвикаа серија оставки во DNC.

Џулијан Асанж, основачот на WikiLeaks во онлајн прес-конференција решително негираше дека податоците ги добивале од некоја влада или служба, вклучително и руската.

Во вторникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги американските обвиненија за наводното хакирање и воведените санкции оцени дека станува збор за „лов на вештерки“. Марија Захарова, портпаролката на руската дипломатија, пак, порача дека „изгледа дека Русите хакирале само две работи, а тоа се мозокот на Обама и извештајот за руските хакери“.

Сепак Вашингтон се реши на санкции со протерување на 35 руски дипломати и воведување санкции против девет физички и правни лица, а се заканува со нови и со одмазда.

Доналд Трамп, кој долго беше скептичен во врска со американските разузнавачки служби, откако беше запознаен со извештајот, повеќе не ги критикува директно./извор:Макфакс

Loading...