Екстремните студови на Балканот усмртија осум лица

Најмалку осум лица починаа во вторникот откако подрачјето на Балканот веќе неколку дена го зафатија обилни снежни врнежи и температури кои паднаа и под минус 20 Целзиусови степени.


Татко и син се смрзнале во Србија, а еден маж паднал во бунар и преживеал 52 часа на екстремно ниска температура пред да го спасат соседите, пренесуваат тамошните медиуми.

Илјадници луѓе се блокирани поради големите наноси од снег во ридестите централни и јужни региони на Србија. Вонредна состојба е воведена во единаесет општини.

Српските власти го забранија речниот сообраќај по смрзнатиот Дунав. Бугарија и Унгарија, исто така, воведоа забрани на нивните делови од реката поради опасните парчиња мраз кои се формираат во ракавите и устијата на притоките.

Во Босна и Херцеговина се смрзнале три лица, а околу 50.000 жители на Зеница останале без греење поради дефект на железарницата „ArcelorMittal“ којашто на домаќинствата им обезбедува топла вода.

Тројца мажи во 50-те години од животот се смрзнале во Албанија, а тамошните власти во засолништата згрижиле неколку стотици бездомници.

Во Турција едно лице загина а десет се повредени кога купола под тежината на снегот се урнала во џамија во Истанбул.

На северот од Грција температурите се спуштија до точката на смрзнување, што не е забележано уште од 60-те години на минатиот век. Од снегот се белеат и познатите споменици во Атина, како Партенон и Акропол кои се на атинските ридови./извор:Макфакс

Loading...

JT Fixed Display