Србите во Косово бараат преседан како во Македонија

Кандидатот за премиер на Косово од победничката коалиција ПАН, Рамуш Харадинај, се соочува со тешка дилема. Тој може да се обиде да формира влада со малцинските заедници и двајца тројца пратеници од другите партии и на тој начин да остане зависен од Белград преку партијата Српска листа, или да се обиде да постигне договор со коалицијата предводена од Демократската лига на Косово (ЛДК) давајќи и ги половина од местата во владата. Алитичарите сметаат дека првата опција би била најлошото решение за Косово, при што Харадинај најави дека е убеден дека ќе формира влада многу скоро.

 

Шефот на Канцеларијата за Косово во српската влада, Марко Ѓуриќ, во меѓувреме порача дека косовските Срби треба да добијат една од трите водечките позиции во Косово, како што се претседател, претседателот на Собранието или претседател на Владата. За време на ТВ-дебата во Србија, Ѓуриќ, рече дека ова секако нема да биде лесно, но ако меѓународните претставници веќе поддржаа вакво нешто во Македонија, зошто да не поддржат и во Косово. Тој алудираше на изборот на Талат Џафери за претседател на македонскиот парламент.

Косовските медиуми денес шпекулираа дека коалицијата предводена од Демократската лига за Косово размислува да даде поддршка на новата влада, но самата да замине во опозиција, за да се консолидира по лошите резултати од изборите. Кандидатот за премиер од оваа партија, Абдула Хоти, еден ден претходно ја исклучи можноста од заедничко владеење со коалицијата на Харадинај.

Дипломатите, од друга страна, побараа во Приштина да се формира „сеопфатна и стабилна влада„. Од амбасадата на Обединетото кралство порачаа дека е важно да се создаде стабилна влада која ќе се справи со важните процеси што го очекуваат Косово.

” На Косово му треба влада со демократски легитимитет која би можела да протурка итни и неодложни работи во борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото, како и да привлече инвестиции и да отвори работни места “,порачаа од оваа амбасада.

Официјалните претставници на ЕУ, пак, порачаа дека кој и да ја формира новата влада на Косово, треба да го продолжи дијалогот со Србија и да ги спроведе договорите постигнати досега во процесот.Сепак, од таму најавија дека форматот на преговорите на Косово со Србија веројатно ќе се смени и дека отсега тој ќе биде на ниво на претседатели. Косовските медиуми тврдат дека во ЕУ не се сигурни дека Хашим Тачи има доволно авторитет за да го преземе дијалогот за разлика од Србија, каде што ќе остане во надлежност на Александар Вучиќ, кој излезе како неприкосновен лидер на последните претседателски избори./извор:Макфакс

Loading...

JT Fixed Display